
Во септември Скопје ќе биде домаќин на германската авторка Лена Шете, годинашната добитничка на престижната награда „Ингеборг Бахман“. Поводот за гостување во Скопје е преводот на нејзиниот роман „Црните дланки на татко ми“, кој во следниве денови ќе биде достапен во издание на „Илика“ во прекрасната серија посветена на автофикцијата и современата проза.
Разговорот е на 12 септември во кафе-бар „Лабораториум“ помеѓу авторката Лена Шете и преведувачката на романот Катерина Шекутковска, кој ќе биде модериран од поетесата и преведувачка Александра Спасеска. Низ разговорот ќе имате можност да чуете за специфичното писмо на Шете кое е проткаено истовремено и од личната биографија и од имагинацијата, а кое длабоко задира во секојдневието на едно сиромашно семејство во германската провинција. Алкохолизам, преработеност, насилство и срам: Шете храбро ги адресира темите кои доминираат во одредено социјално милје, а често се третираат како табу, но истовремено и ја раскажува и приказната за едно растргнато семејство кое сепак се бори за поддршка, љубов и заедништво.
На 13 септември од 11 до 14 часот во „Лабораториум“, под водство на авторката Лена Шете ќе се одржи и работилница за автофикција. Покрај тоа што Шете завршила „Книжевно пишување“ на Германскиот институт за литература во Лајпциг, таа е и долгогодишна менторка на работилници за креативно пишување, често истражувајќи ги потенцијалите на автофикцијата. Бројот на учесници е ограничен и учтиво ве замолуваме да го пријавите вашето присуство на [email protected].
Настаните ќе се одвиваат на англиски јазик, а се реализираат во организација на Друштвото за македонско-германска соработка и развој и издавачката куќа „Илика“, со поддршка од Гете институтот во Скопје.

Македонски

