Skip to main content

Промовиран каталог на Брајово писмо со историски документи од Државниот архив

Државниот архив на Македонија и Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје изработија каталог „Документи што зборуваат на допир“, кој беше промовиран денес, како дел од програмата за одбележување 35 години независност на државата. Публикација ги содржи најзначајните документи што се чуваат во депоата на Архивот и неговите подрачни одделенија, при што под секој документ е дадена соодветна легенда на Брајово писмо.

На промоцијата присуствуваше и министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска која ја поздрави реализацијата на оваа заедничка идеја на двете установи и посочи дека публикацијата е мост меѓу минатото и сегашноста, односно помеѓу историските документи и луѓето за кои тие досега не беа целосно достапни.

Државниот архив чува огромно историско и документарно богатство кое раскажува за создавањето на македонската држава. Со овој каталог, дел од тоа богатство станува достапно и преку Брајовото писмо – азбуката на допир за лицата со оштетен вид, кои ќе можат да ги почувствуваат информациите содржани во автентичните документи и да ја доживеат историјата“, рече Јаневска.

Нагласи дека историјата некој ја создавал, а наредните генерации треба да ја знаат, да ја разберат и да ја пренесуваат. Но, за историјата навистина да биде заедничко наследство, таа мора да биде достапна за сите.

Инклузивното општество не се гради само со зборови. Се гради со конкретни чекори што ги отстрануваат бариерите и им овозможуваат на сите граѓани еднакво да учат, да се информираат, да истражуваат и да учествуваат. Овој каталог отстранува една таква бариера. На лицата со оштетен вид им овозможува еднаков пристап до историјата и националното наследство“, додаде министерката.
Јаневска изрази очекувања дека во иднина ќе бидат издадени и други вакви публикации, затоа што, како што рече – постојат уште многу историски документи кои заслужуваат да бидат достапни за што поголем број граѓани, вклучително и за лицата со оштетен вид.

Документите не треба само да се чуваат. Тие треба да живеат, да се читаат и да се истражуваат. А со оваа публикација, тие денес почнуваат да зборуваат и на еден поинаков, но подеднакво моќен начин – на допир“, рече министерката за образованиe и наука.

Поврзани вести