
Со свечен концерт на квартетот „Стринџендо“, Македонскиот културен центар во Истанбул синоќа ја одбележа 35-годишнината од независноста на Република Македонија.
Концертот се одржа во Културниот центар „Тарик Акан“ во Бакрќој, пред бројна публика, а вечерта беше во знакот на македонската музичка традиција и на препознатливи мелодии од турското музичко наследство.
Настанот свечено го отворија Генералниот конзул на Македонија во Истанбул, г. Идрис Фазлиоски, и директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски, кои во своите обраќања се осврнаа на значењето на 8 Септември и на присуството на македонската култура во Истанбул.
Квартетот „Стринџендо“, во состав Наташа Лазаревска – обоа, Олгица Шундиќ -виолина, Љупка Каевиќ – виолончело и Андреја Наунов – пијано, изведе програма со композиции адаптирани за инструментален состав. Пред истанбулската публика прозвучија „Јовано, Јованке“, „Мајка на Марика“, „Донка“, „Македонско девојче“, „Бор садила мома Евгенија“, „Пајдушко оро“ и „Не си го продавај, Кољо, чифликот“, како и познатите турски мелодии „Çanakkale“ и „Üsküdar’a Gider İken (Kâtibim)“.
Со спојот на македонскиот и турскиот репертоар, концертната вечер доби и посебна симболика, а изведбите беа проследени со големо внимание и топол прием од публиката.
Македонскиот културен центар во Истанбул упатува благодарност до музичарите од квартетот „Стринџендо“, до Културниот центар „Тарик Акан“ – општина Бакрќој за гостопримството, како и до Здружението на Румелиите за придонесот во реализацијата на настанот.
Со концертот во Истанбул беше одбележан 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, во година кога се навршуваат три и пол децении од референдумот за независност од 1991 година.
Вчеравечер во Истанбул, со свечен концерт на квартетот „Стринџендо“, Македонскиот културен центар свечено ја одбележа 35-годишнината од независноста на Република Македонија.
Во прекрасна атмосфера, пред бројна публика, македонската музичка традиција прозвучи заедно со познатите мелодии од турското музичко наследство, уште еднаш потсетувајќи нè колку музиката ја има моќта да не поврзува.
Настанот свечено го отворија Генералниот конзул на Македонија во Истанбул, г. Идрис Фазлиоски, и директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски.
Упатуваме огромна благодарност до членовите на квартетот „Стринџендо“ – Наташа Лазаревска, Олгица Шундиќ, Љупка Каевиќ и Андреја Наунов – за концертната изведба со која македонската музичка традиција беше претставена пред истанбулската публика.
Искрена благодарност и до Културниот центар „Тарик Акан“ – општина Бакрќој за гостопримството и до Здружението на Румелиите, за придонесот во реализацијата на настанот.
Најголема благодарност, секако, до сите наши гости, пријатели и посетители кои беа дел од оваа свечена вечер.
Нека ни е честит 8 Септември – Денот на независноста на Македонија!

Македонски


