Skip to main content

Реакција на МОН: Однесувањето на СДСМ најдобро го објаснува зборот лицемерие

МИА

Министерството за образование и наука реагира на денешната прес-конференција на СДСМ, на која обвинуваат дека учениците со попреченост се оставени без образовни асистенти. Тоа е апсолутно неточно и политичката партија со своето однесување најдобро покажува што значи зборот лицемерие, се наведува во реакцијата на МОН.

Четири министри во Владата со која СДСМ раководеше седум години, не успеаја да обезбедат образовни асистенти за сите ученици со попреченост кои следат настава во редовните основни и средни училишта во државата. Во 2024 година последниот нивни министер обезбеди недоволни 800 образовни асистенти и тоа само во основното образование, додека во средното воопшто не беа ангажирани стручни лица кои ќе им го олеснуваат воспитно-образовниот процес на учениците со посебни образовни потреби, велат од МОН.

Денес ситуацијата е сосема поинаква. Ангажирани се 1358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование – најмногу досега, а во тек е постапка и за ангажирање на дополнителен број стручни лица кои ќе обезбедуваат образовна асистенција за децата, во согласност со пријавените потреби на нивните родители.

Во насока на подигнување на инклузивноста, МОН ги јакне и стручните служби во училиштата, преку ангажирање на кадарот кој недостигаше во минатото. Така што денес не постои училиште во кое нема стручна служба. Паралелно се подобрува пристапноста за лицата со попреченост во училишните објекти преку поставување рампи и тоалети за ученици со посебни потреби, додаваат од Министерството.

Од МОН потсетуваат дека актуелното раководство на Министерството прифатило долгогодишно барање на граѓанскиот сектор кое е трансформирано во системско решение, а се однесува на обезбедување континуитет во наставата за учениците кои се на подолго болничко или домашно лекување, да може часовите да ги следат онлајн заедно со класот или, пак, наставникот индивидуално да работи со нив. Со тоа, степенот на инклузивност на образованието е дополнително подигнат.

Од новата академска година е предвидено доделување нов тип стипендии за студенти со попреченост и со ретки болести со што ќе одговориме на барањата на нивните здруженија и сојузи, а политиките на стипендирање ќе ги следат барањата на ЕУ.

Ова е разликата во управувањето со Министерството за образование и наука до 2024 година и во креирањето на образовните политики и политиките за инклузивност потоа. По однос на училиштата во руралните средини кои привремено се затвораат поради тоа што немаат запишани ученици, ќе ги потсетиме тоа е резултат токму на нивните погубни политики поради кои во седум години го намалија бројот на ученици за 17 илјади, се вели во реакцијата на МОН.

Поврзани вести