Skip to main content

Квартетот STRINGENDO со свечен концерт во Истанбул по повод 35 години независност на Македонија

По повод 35-годишнината од независноста на Република Македонија, Македонскиот културен центар во Истанбул на 8 септември 2026 година ќе приреди свечен концерт на квартетот STRINGENDO, со кој македонската музика и култура ќе бидат во фокусот на одбележувањето на празникот.

Концертот ќе се одржи во Културниот центар „Тарик Акан“ во Атаќој, Истанбул, со почеток во 20:00 часот, а влезот за посетителите е слободен. Настанот свечено ќе го отворат Генералниот конзул на Македонија во Истанбул, г. Идрис Фазлиоски, и директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски.

Концертната вечер е посветена на одбележувањето на Денот на независноста, но и на долгогодишното пријателство и културните врски меѓу Македонија и Турција. Квартетот STRINGENDO, составен од истакнатите македонски музичари Наташа Лазаревска на обоа, Олгица Шундиќ на виолина, Љупка Каевиќ на виолончело и Андреја Наунов на пијано, ќе претстави дел од богатството на македонската музичка традиција, надополнето со познати мелодии од турското музичко наследство.

На програмата ќе бидат изведени композиции адаптирани за инструментален состав: „Јовано, Јованке“, „Мајка на Марика“, „Донка“, „Македонско девојче“, „Бор садила мома Евгенија“, „Пајдушко оро“, „Не си го продавај, Кољо, чифликот“, како и „Çanakkale“ и „Üsküdar’a Gider İken (Kâtibim)“.

Со овој концерт, Македонскиот културен центар во Истанбул уште еднаш ја потврдува својата определба преку културата и уметноста да создава простори за средба, дијалог и зближување меѓу македонската и турската публика.

Поврзани вести