Skip to main content

Николоски најави комунални возила и за останатите општини

Набавката на нови 49 комунални возила за општините ќе помогне за подигнување на нивото на хигиена што е исклучително значајно за подобрување на квалитетот на живот и урбаното живеење, рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на промоцијата на новите возила во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, градоначалници и претставници на Светска банка.

Новите комунални возила ќе бидат вклучени во одржувањето на хигиената во град Скопје и општините Куманово, Прилеп, Струмица, Штип, Охрид, Тетово, Неготино, Кичево, Дебар и Велес.

Како што информира Николоски, со 4,2 милиони евра преку Светска банка набавени се 19 мултифункционални камиони од различен тип, девет цистерни и 21 мултифункционални возила за чистење на улиците.

Тој сподели дека средствата за набавката на возилата се обезбедени со заштеда на средства преку проектот за ревитализација и за изградба на нови локални и регионални улици што го спроведува Владата со Светска банка веќе неколу години.

Последните два повика беа исклучително добро направени, но имавме заштеда на средства, во тој момент беа 5,5 милиони евра. Се сретнавме со директорката на Светска банка и со нејзиниот тим — се сеќавате, претходната година, што се случуваше во Скопје со поранешниот градоначалник на градот и во едни такви услови разговаравме како е најдобро да се помогне и на Градот Скопје и на останатите општини.
Идејата дојде дека можеби овие возила, коишто се денес зад нас реалност, се најдобриот начин да се помогне на Градот Скопје и на останатите општини. Влеговме во процесот и повторно направивме заштеда. Проценетата вредност беше 5,5 милиони евра, а вкупната вредност на оваа набавка е 4,2 милиони евра. Што значи дека низ еден транспарентен, отворен процес успеавме да ја завршиме набавката, но и повторно да заштедиме средства – рече Николоски, заблагодарувајќи се на поддршката од Светска банка.

Николоски најави дека со следните проекти коишто ќе ги реализраат ќе има комунални возила и за останатите општини.

Поврзани вести