Skip to main content

Бугарскиот писател Николај Терзијски доаѓа во Скопје

Современиот бугарски писател Николај Терзијски ќе гостува во Скопје по повод книжевната промоција на македонското издание на неговиот роман „Ѕвезди под клепките“, во превод на Виолета Танчева-Златева.

Промоцијата ќе се одржи на 30.1.(четврток), од 19 часот, во скопската Јуроп хаус. „Веќе наредниот ден, на 31.1. (петок), Николај Терзијски ќе го заокружи својот престој со средба меѓу книгите – книгокруг во книжарницата на ТРИ во Градскиот трговски центар (ГТЦ). Посетителите ќе имаат можност да поразговараат со писателот во топла атмосфера и да добијат потпис на својот примерок од ‘Ѕвезди под клепките’, инаку дел од едицијата „Нашите приказни“ поддржана од Европската Унија“, велат од ТРИ.

Од Издавачкиот центар посочуваат дека „Ѕвезди под клепките“ (2022, „Жанет 45“) е трет роман на Терзијски. За ова дело авторот во 2023 годија ја освои Националната награда „Христо Г. Данов“ за придонес во книжевната култура и беше номиниран за сите значајни награди за проза во Бугарија.

„Ѕвезди под клепките“ е можен одговор на некои од најголемите загатки на животот, меѓу кои е и загатката на љубовта. Каде, кога и како ја среќаваме, и како ја препознаваме? Дали во тоа ни помагаат ѕвездите што ни треперат под клепките? Раскошен роман за најзначајните и најтешките животни прашања и дилеми. Повеќеслојна сага со три испреплетени приказни во кои палимпсестно се испишани најмалку уште толку, колку лични толку и универзални. Во нив треперат копнежи и разделби среде историски превирања, премолчани зборови, неискористени можности и неодговорени прашања: еден ли е светот или има мноштво светови во кои паралелно течат нашите животи“, се вели во описот за романот.

Од ТРИ посочуваат дека во стилот на големите мајстори, Терзијски нѐ води на возбудлива прошетка низ времето и судбината, поткревајќи ја пред нашите очи завесата на животот.

Николај Терзијски (1983, Смољан) е современ бугарски писател и новинар. Дипломирал новинарство на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија во 2005 г., а по две години магистрирал на Филозофскиот факултет. Работел како сценарист и ТВ-водител, а од 2003 година е вработен како новинар во продуцентската куќа „Седум осмини“. Во 2014 г. го отвора блогот „Терзилаци“, на кој објавува свои раскази, хумористични есеи, политичка сатира, публицистика, осврти за книги.

Со своите три романи, Терзијски се наметна како значаен нов глас во бугарската книжевност, кој во своите мајсторски исткаени романи зборува за најважните човечки и општествени теми. Неговиот прв роман „Одлачување“ ја добива националната награда за дебитантско дело „Јужна пролет“, номиниран е и за други награди и прогласен е за една од најважните книги издадени на бугарски јазик во 2017 година. „Хроники на непознатото“ (2019) влегува во тесна конкуренција за роман на годината и за годишните награди на Портал „Култура“. А „Ѕвезди под клепките“ минатата година беше номиниран за наградата за книжевност на Европската Унија.