
Тричлената комисија за доделувањето на наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“, во состав: д-р Иван Џепароски (претседател), д-р Владимир Цветкоски и д-р Јана Михајловска на својот работен состанок одржан во хибридна форма на 31 август 2026 (понеделник) во просториите на издавачката куќа „Антолог“ одлучи во вториот круг за наградата да поминат 20 изданија од 9 издавачки куќи, во превод на 23 преведувачи и од 12 различни јазици.
И годинашниот избор уште еднаш ја потврдува разновидноста на преводната книжевна продукција на македонски јазик. Во селекцијата се застапени дела од различни книжевни традиции, јазични и културни средини, што сведочи за широчината на интересот на македонските издавачи и преведувачи, но и за значењето на преводот како мост меѓу различните литератури и култури.
Делата што ја минаа прелиминарната фаза (подредени по азбучен ред, според првата буква од името на преведувачите) се:
- Агим Мустафаи за препевот од албански јазик на „Тестамент од свила“ од Лулзим Хазири, издание на „Перун артис“, 2024 година
- Ана Пејчинова за препевот од англиски јазик на „Избрани песни“ од Радјард Киплинг, издание на „Полица“, 2024 година
- Виолета Танчева-Златева и Милена Сиљаноска за препевот од српски јазик на „Чат-пат е добро да се читне некоја книга за да не се испадне глупав во друштво“ од Срѓан Драгојевиќ, издание на „Три“, 2025 година
- Горјан Костовски за препевот од англиски јазик на „Нови познати фрази“ од Даниел Хејндс, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година
- Даниела Спироска за препевот од англиски јазик на „Песни“ од Дилан Томас, издание на „ПНВ Публикации“, 2026 година
- Драгана Евтимова за препевот од словенечки јазик на „Тускулум“ од Денис Шкофич, издание на „ПНВ Публикации“, 2025 година
- Елена Колева, Љубинка Басотова, Даниела Тошева, Војислав Саракински, Валериј Софрониевски, Светлана Кочовска-Стевовиќ и Методија Тасевски за препевите од грчки и латински јазик на „Антологија на античката лирика“, издание на „Чудна шума“, 2025 година
- Ели Пујовска за препевот од холандски јазик на „Златен венец – одбрани песни од Анеке Брасинга“, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година
- Звонко Танески за препевот од словачки јазик на „Златен венец – одбрани песни од Иван Штрпка“, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2025 година
- Иван Шопов за препевот од бугарски јазик на „Писма до Нија која не ја родив“ од Димана Јорданова, издание на „Чудна шума“, 2026 година
- Игор Радев за препевот од кинески јазик на „Безначајни песни“ од Шји Чуан, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година
- Јовица Ивановски за препевот од српски јазик на „Змијарник“ од Тања Ступар Трифуновиќ, издание на „ПНВ Публикации“, 2024 година
- Јулијана Величковска за препевот од англиски јазик на „Погребувањето на глувчарапчето“ од Дерин Рис-Џоунс, издание на „ПНВ Публикации“, 2025 година
- Кристина Краличин Павлеска за препевот од српски јазик на „Овој пат се бирам себеси“ од Дизграм, издание на „Матица“, 2026 година
- Ксенија Чочкова за препевот од германски јазик на „Повторното воведување на песочниот часовник“ од Михаел Кригер, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година
- Никола Ѓелинчески за препевот од англиски јазик на „Неред“ од Питер Мекеј, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година
- Никола Маџиров за препевот од бугарски јазик на „Таму каде што не сме“ од Георги Господинов, издание на „Или-или“, 2025 година
- Петар Андоновски за препевот од грчки јазик на „30 грчки современи автори“, издание на „Прозарт“, 2025 година
- Сашо Огненовски за препевот од српски јазик на „Каин и Абот, Авел и Костело“ од Ненад Јовановиќ, издание на „Перун артис“, 2024 година
- Славе Ѓорѓо Димовски за препевот од хрватски јазик на „Зебрано“ од Мирослав Кирин, издание на „ПНВ Публикации“, 2025 година
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
За наградата „Драги“ првично беа номинирани 24 дела во превод на македонски јазик на 27 преведувачи. Книгите се објавени од 9 издавачки куќи, а преводите се направени од 12 различни јазици. Опфатени се дела (самостојни книги или избори од творештвата) на 22 странски автори а кога ќе се земат предвид и двете антологии, вкупно се опфатени дела од стотина светски поети. Првпат откако е основана оваа награда ќе биде доделена за превод на поетско дело, со што ќе се потполни голема празнина во нашата културна средина, а воедно и достојно ќе се чествува името на д-р Драги Михајловски, кој даде најголем придонес токму во препевот на книжевни дела во стих.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со препевите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше како на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор, така и на сите што се занимаваат со науката за превод (транслотологија).

Македонски

