Skip to main content

Којотот конечно возвраќа: „Којотот против системот“ пристигнува на 3 септември

Што се случува кога по години неуспешни планови, експлозии, падови и производи што секогаш му се враќаат наопаку, Којот конечно ќе реши дека му е доста? Овојпат тој не тргнува во уште една потера по Брзата птица итрица – туку директно против корпорацијата „Акме“.

На 3 септември 2026 година пристигнува „Којотот против системот“ (Coyote vs. Acme), забавна и динамична авантура која еден од најпознатите анимирани ликови го става во сосема нова улога.

По безброј катастрофални искуства со производите на „Акме“, Којот решава дека е време некој конечно да одговара за сè што му се случило. Решението го бара таму каде што најмалку би очекувале да го видиме – во судница. За да ја тужи моќната корпорација, тој го ангажира Кевин, неуспешен адвокат кој во меѓувреме работи во светот на рекламирањето. На прв поглед, тие се необичен и не баш ветувачки тандем, но нивното растечко пријателство ги мотивира да истраат и да се обидат да го добијат навидум невозможниот судски спор. Предизвикот станува уште поголем кога „Акме“ добива моќна правна одбрана предводена од застрашувачкиот поранешен шеф на Кевин. Така, борбата на Којот против корпорацијата станува и лична пресметка во која двајцата аутсајдери ќе мора да докажат дека и најголемиот систем може да биде предизвикан.

„Којотот против системот“ го спојува препознатливиот хумор на класичните анимирани авантури со нова приказна за пријателството, упорноста и борбата на „малиот“ против моќниот систем. А зад сите апсурдни ситуации останува едно прашање – дали по толку години неуспеси, Којот конечно ќе успее да победи?

Во режија на Дејв Грин (Dave Green), со Џон Сина (John Cena), Лана Кондор (Lana Condor) и Вил Форте (Will Forte) во главните улоги, филмот носи авантура за публиката која пораснала со легендарниот Којот, но и за новите генерации кои допрва ќе го запознаат неговиот неверојатен свет.

Овојпат нема нова стапица. Нема нов план за Брзата птица итрица. Има судница, адвокат и една навистина голема корпорација од другата страна.

Којот конечно возвраќа – „Којотот против системот“ од 3 септември 2026 година.

Поврзани вести