
Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска изјави дека нафтата од Венецуела ќе се користи за пополнување на американските стратешки резерви.
Тој на социјалните мрежи објави дека наскоро ќе почне процесот за надополнување на американските стратешки резерви, со што би се намалил ефектот од нарушеното глобално снабдување и би се намалиле високите цени на горивата.
– Нафтата е подарок од Венецуела за народот на САД, посочи Трамп.
Вашингтон и Каракас постигнале договор за мнозинска американска контрола врз повеќе од 65 милијарди барели докажани резерви на нафта на Венецуела.
Трамп оцени дека тоа е „најголем договор за нафта во историјата на светот“.
– Тие обезбедија мнозинска контрола на САД врз повеќе од 65 милијарди барели докажани резерви на нафта во Венецуела, без никакви трошоци за американските даночни обврзници, објави вчера Трамп на „Трут соушл“.
Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез изјави дека договорот предвидува „развој на 17 стратешки полиња со докажан потенцијал од 65 милијарди барели нафта, инвестиции од над 100 милијарди долари и повеќе од 209 милијарди долари даночни приходи за државата“.
Но, не се познати деталите за тоа кои приватни компании ќе учествуваат, како точно ќе изгледа „мнозинската контрола“ на САД и кога дополнителната нафта би можела да се појави на американскиот пазар.
Договорот е постигнат речиси девет месеци откако американските сили го соборија и затворија поранешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро. Оттогаш САД се обидуваат да ги зголемат испораките на венецуелска нафта до американските рафинерии и да ги привлечат американските компании во запоставениот енергетски сектор на Венецуела.

Македонски


