Почетокот на новата концертна сезона на Националниот џез-оркестар го означува концертот насловен „Џез-лектира: Quintessence by Quincy Jones!“. Концертот ќе се одржи на 24 јануари, со почеток во 20 часот, во просториите на Македонската филхармонија, а во центарот на вниманието ќе биде огромниот и влијателен биг-бенд опус на музичкиот гениј Квинси Џонс. Од неговите почетоци во 1959 година, па сè до неговиот подоцнежен период како аранжер и продуцент, концертот ќе понуди уникатна можност за слушање ексклузивни неиздадени аранжмани, како и композиции што го оформиле неговото култно музичко наследство.
Како солисти на овој концерт ќе настапат истакнати имиња од македонската музичка сцена: Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ-Дексо, Сашо Гигов-Гиш и Џон Илија Апелгрен, а диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов.
За плакатот е искористена графиката „Шарен џезер“ на академскиот сликар Сергеј Андреевски од циклусот „Џезери“, прва во низата дела што ќе бидат употребени за плакатите во текот на оваа година.
„Quintessence by Quincy Jones е уште една џез лектира која не смее да остане непрочитана! Квинси Џонс е легендарна фигура од музичката индустрија, композитор, аранжер, диригент, инструменталист, водач на бендови и продуцент со огромно влијание врз американската култура повеќе од 70 години, кој има работено со врвни уметници од секоја ера на популарната музика, од бибоп до хип хоп. Добитник на безброј признанија, вклучувајќи и вкупно 80 Греми номинации, рекорд на сите времиња, од кои освоени 28“, нагласуваат од оркестарот.
Меѓу неговите најзначајни достигнувања е продукцијата на три од најуспешните албуми на Мајкл Џексон – „Off the Wall“ (1979), „Thriller“ (1982) и „Bad“ (1987), како и хуманитарната песна „We Are the World“ од 1985 година, која собра средства за жртвите од глад во Етиопија.
Овој сестран музички магнат почина на крајот на минатата година.