Skip to main content

Димитриевски: ЗНАМ континуирано расте и гради политика на конкретни резултати и одговорност кон Македонија

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија продолжува со отчетните средби со граѓаните низ државата, на кои ги презентира резултатите од двегодишното работење на своите избрани и именувани функционери, но и политичката
визија и обврските за периодот што следува.

Во рамки на панел-дискусијата во Радовиш, под мотото „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија“, се обратија претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и потпретседателот на Движење ЗНАМ, Борче Серафимовски, директорот на Казнено-поправниот дом – Прилеп, Емил Јанески, и пратеничката во Собранието на Република Македонија и членка на Координативното тело на Клубот на жени на ЗНАМ, Даниела Белимова, се вели во соопштението од ЗНАМ што МИА го пренесува интегрално.

Претседателот на ЗНАМ, истакна дека двегодишниот отчет не е само сумирање на сработеното, туку потврда дека Движењето ја оправдува довербата на граѓаните и дека продолжува да се развива како сериозна, организирана и државотворна политичка сила. Посебно го нагласи организациското јакнење на ЗНАМ, формирањето на Клубот на млади и неодамнешното основање на Клубот на жени, како важни чекори во градењето широка политичка структура со активна улога на жените и младите во креирањето на политиките и носењето одлуки.

ЗНАМ не е проект за едни избори, ниту политичка структура што постои заради функции и привилегии. ЗНАМ е движење со јасна идеја, принципи и одговорност кон Македонија. Денес не само што ги исполнуваме обврските што ги презедовме пред граѓаните, туку и ја градиме нашата организација за иднината. Формирањето на Клубот на жени е важен чекор во тој процес. Сакам жените во ЗНАМ да бидат присутни таму каде што се носат одлуките, да имаат простор, глас и реално влијание. Градиме структура во која секој човек што верува во нашите вредности има можност да придонесе. Нашата сила не е во бројот на функции, туку во луѓето, идеите и работата зад кои стоиме“ истакна Димитриевски.

Говорејќи за конкретните резултати од работењето, Димитриевски ги посочи капиталните инвестиции во општините, зголемувањето на платите во повеќе сектори и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Во рамки на
инвестицискиот циклус се реализираат околу 1.300 капитални проекти низ општините, со инвестиции во локалната инфраструктура, водоснабдувањето, образованието и подобрувањето на условите за живот.

За нас политиката не е натпревар во ветувања, туку обврска да создадеме резултати што граѓаните ќе ги почувствуваат во секојдневниот живот. Зад бројката од 1.300 капитални проекти стојат општини што добиваат нова инфраструктура и подобри услови за развој. Зад зголемувањето на платите стои почитта кон трудот, а зад растот на пензиите стои одговорноста кон генерациите што со децении ја граделе оваа држава. Не тврдиме дека се е завршено. Но, можеме да кажеме дека работиме, дека преземаме одговорност и дека не отстапуваме од обврската да испорачаме подобра и посилна Македонија. Тоа е разликата меѓу политиката на зборови и политиката на резултати“, порача Димитриевски.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија продолжува со отчетните средби низ државата, затоа што отчетноста не е еднократен настан, туку принцип на политичко дејствување и одговорност пред граѓаните. ЗНАМ продолжува да ја гради својата организација, да ги зајакнува своите структури и да се бори за политики што носат конкретни придобивки, економски развој, достоинствен живот и функционална држава.

Поврзани вести