Skip to main content

Слушачка промоција на „Фолтин лајв“ во Битола

Фолтин

Во атмосфера посветена на музиката, звукот и три децении концертна приказна, во „Божиновски Галерија“ во Битола на 26 август беше одржана слушачка промоција на „Фолтин лајв“ (Foltin live), двојното винил-издание кое jа претвора концертната енергија на бендот во трајна звучна меморија.


Албумот „Фолтин лајв“ ја носи музиката на „Фолтин“ онаму каде што таа најмногу сака да биде: во живо. Изданието е снимено целосно во живо, на врвна аналогна опрема во Пловдив и Скопје, а печатено во Виена според највисоките стандарди за винил-продукција.

Резултатот е звучна монографија на концертниот идентитет на „Фолтин“ и документ за бенд кој веќе три децении упорно одбива да остане во само една фиока – па така, без многу објаснување, ги спојува концертот, театарот, перформансот и чистата музичка радост.

На слушачката промоција во „Божиновски Галерија“, присутните имаа можност повторно да го доживеат звукот на „Фолтин“, овојпат од винил, во простор кој и самиот ја спојува историјата, современоста и вниманието кон деталот. Звукот доаѓаше од внимателно интегрираниот систем од 39 звучници во галеријата, од кои дел намерно потсетуваат на камери – суптилна референца на браќата Манаки и нивната камера. Звучниците се изработени од инженерскиот тим на Теохаров.

Лимитираната серија рачно нумерирани и потпишани плочи „Фолтин лајв“ е наменета за колекционери, аудиофили и долгогодишни почитувачи на бендот. Изданието е достапно преку веб-страницата на „Фолтин“, а плочите може да се подигнат и во продажните салони на „Божиновски часовници и накит“ на Широк Сокак во Битола и на улица „Македонија“ во Скопје. За останатите градови, изданието се испраќа по карго.

Во година во која „Фолтин“ слави 30 години на сцена, а „Божиновски“ 30 години вредност и прецизност, „Фолтин лајв“ станува заеднички јубилеен запис – музички документ создаден да остане.

Но, винилот е само едната страна на приказната. Најубавите концертни приказни, сепак, се случуваат во живо – посочуваат „Фолтин“.

Во сабота, 29 август, „Фолтин“ се враќа таму каде што започна една од најважните приказни на бендот – на локалитетот Хераклеја. По три децении, под битолското небо, во амфитеатарот каде што „Фолтин“ го одржа својот прв концерт, ќе се случи јубилејниот концерт „Фолтин – 30 години концерти“.

Поврзани вести