
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ изјави дека властите имаат безбедносни информации според кои функционери од најмалку две земји во регионот учествуваат во координирани активности насочени кон дестабилизација на Црна Гора, додека земјата ги забрзува преговорите за членство во Европската Унија.
Спајиќ не ги именуваше земјите или функционерите за кои тврди дека биле вклучени, ниту пак образложи за природата на наводните операции, но рече дека очекува по најавеното затворање на новите преговарачки поглавја дека ќе следи „координирана хибридна акција“.
„Обидите за дестабилизација нема да го променат нашиот курс ниту ќе го запрат европскиот пат на Црна Гора“, изјави Спајиќ во објава на социјалната мрежа X.
Тој рече дека одредени политички актери и дел од медиумите во Црна Гора би можеле да обезбедат поддршка во таквите активности.
Спајиќ јавно не презентираше докази во поддршка на своите тврдења.
Црна Гора ги започна преговорите со ЕУ во 2012 година и ги отвори сите 33 поглавја вклучени во процесот на пристапување. До средината на јули оваа година, привремено затвори 18 поглавја. Европската унија, исто така, започна подготовки за изготвување на пристапниот договор со Подгорица, што е еден од најјасните сигнали досега дека процесот се приближува кон последната фаза.

Македонски


