
Витаминот Д често се нарекува „сончев витамин“, бидејќи организмот го создава при изложување на сончева светлина. Сепак, недостаток може да се појави и во текот на летото. Според експерти, недоволните количини понекогаш поминуваат без симптоми, но кај некои луѓе може да се појават слабост во мускулите, болки во коските или промени во расположението.
Една од причините е исхраната. Со вообичаена здрава исхрана често не се внесува доволно витамин Д, иако го има во масната риба, жолчките, говедскиот црн дроб и маслото од црн дроб на бакалар. Дополнително, луѓето денес поминуваат многу време во затворени простории. Дури и во лето, времето од денот влијае врз создавањето на витамин Д, а облачноста и загадувањето на воздухот можат дополнително да ја намалат изложеноста на УВБ-зраци.
Со возраста, кожата станува помалку ефикасна во создавањето витамин Д. Луѓето со потемна кожа исто така можат да создаваат помалку од овој витамин бидејќи меланинот ги апсорбира УВ-зраците. Дополнителен фактор е употребата на креми за сончање, кои се важни за заштита од рак на кожата, но истовремено можат да го намалат создавањето витамин Д.
На недостаток можат да влијаат и одредени здравствени состојби, како целијачна болест, нарушувања на цревата, заболувања на црниот дроб и бубрезите, како и некои лекови. Бидејќи потребите се различни кај секого, експертите советуваат суплементите да не се земаат на своја рака. Премногу витамин Д може да доведе до високо ниво на калциум и проблеми со бубрезите, па за дозирањето најдобро е да се консултирате со лекар.

Македонски


