Skip to main content

Забележани 31 пожар на отворен простор во изминатото деноноќие, осум се активни

Вкупно 31 пожар на отворен простор се регистрирани во текот на изминатото деноноќие, од кои осум се активни, а 23 се целосно изгаснати, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни пожари има во осум општини. Во Прилепско гори кај селото Бонче, каде што е зафатена ниска вегетација и нискостеблести растенија.

Пожари има и на подрачјето меѓу селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, со крак кон Палиград, како и над селото Вражале во општина Зелениково, каде што гори мешана шума.

Во општина Студеничани активен е пожарот кај селото Цветово, на стариот пат кон Елово, каде што се зафатени ниска вегетација и ниска шума.

Во Македонски Брод активни се пожари на повеќе локации – кај местото Видуш, кај селото Драгов Дол и кај Локвица. Таму гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Активен пожар има и во Кичевско, кај селото Тајмиште, во месноста Дарда, каде што гори високостеблеста букова шума.

Во Врапчиште активни се пожарите кај селата Ломница и Ѓурѓевиште, каде што гори мешана шума, а во Маврово и Ростуше пожар има кај селото Церово каде гори ниска вегетација и папрат.

Во текот на деноноќието пожари биле регистрирани и во Крушево, Битола, Делчево, Штип, Струга, Вевчани, Липково, Куманово, Валандово, Сарај, Тетово, Чучер Сандево, Карпош, Струмица, Василово, Прилеп и Гостивар.

Како што информираат од ЦУК, пожарот кај селото Теново, гостиварско зафатил ниска вегетација и две стари куќи. 

Поврзани вести