
На 24 август (понеделник), во рамките на BookStar 2026, во Скопје ќе гостува познатата филозофка, авторка и професорка Леа Ипи, која живее и работи во Велика Британија. Нејзиното гостување ќе го означи и првиот официјален преднастан на годинашното издание на меѓународниот книжевен фестивал „BookStar“, посветен на темата „FREE AT LeAST?“ или „ЧУМУ СЛОБОДА?“.
Ипи во Скопје доаѓа како авторка на книгата „Слобода“ (Free), дело во кое преку личната и колективната историја го отвора едно од најважните и најсложените прашања на современото општество: што навистина значи да се биде слободен?
Книгата е истовремено филозофско истражување и лично сведоштво, во кое поимот слобода се разгледува низ различни историски, политички и општествени контексти. Преку искуствата од детството во Албанија во времето на комунизмот, транзицијата и подоцнежниот живот во Западна Европа, Ипи поставува прашања за границите меѓу личната и политичката слобода, за начинот на кој општествата го разбираат слободниот избор и за тоа колку нашата претстава за слободата зависи од времето и местото во кое живееме. Слободата може да биде лично искуство, но и политичко прашање, а подеднакво и творечки предизвик. Токму затоа за книгата „Слобода“ е добитничка на наградата „BookStar“ за 2026 година, за најактуелна книга во контекст на годинашното издание.
Наградата ќе ѝ биде доделена на 24 август во 19 часот во „Лабораториум“, на преднастанот со кој BookStar го започнува своето фестивалско патување кон главната програма во септември оваа година.
За книгата и за одлуката таа да биде прогласена за добитник на наградата „BookStar“ ќе зборува писателката и универзитетска професорка Ивана Трајаноска.
По доделувањето ќе следува разговор со Ипи, кој ќе го модерира писателката и професорка Калина Малеска, која воедно е и преведувачка на книгата на македонски јазик. Разговорот ќе се фокусира на нејзиното книжевно и филозофско разбирање на слободата, на односот меѓу личното сеќавање и големите историски настани, како и на прашањето што останува од идејата за слободата кога таа ќе се соочи со реалноста.
Разговорот ќе се одвива на англиски јазик.
Истиот ден, во 18 часот во „Лабораториум“, пред официјалното доделување на наградата, Ипи ќе гостува и во книжевниот поткаст на „Антолог“, кој веќе години наназад го води книжевниот критичар Душко Крстевски.
Во разговорот, во нешто понеформален формат, ќе има можност да се слушне и една поинаква страна од авторката – не само професорката по политичка теорија и филозофија, туку и читателката, писателката и соговорничката која своите лични искуства ги претвора во прашања со универзално значење.
Двете средби со Леа Ипи – поткастот „Гол ручек“ и свеченото доделување на наградата „BookStar“ – се прв дел од Фестивалот на европска литература BookStar 2026, чија главна фестивалска програма ќе се одржи од 28 до 30 септември во Скопје.
Со темата „FREE AT LeAST!“, BookStar ја поставува слободата како отворено прашање: дали таа е право, привилегија или одговорност? Колку сме навистина слободни во светот на алгоритмите, вештачката интелигенција и постојаната дигитална изложеност? И може ли книжевноста (сè уште) да биде простор за слободно мислење, преиспитување и отпор? Гостувањето на Леа Ипи и книгата „Слобода“ се природен и силен вовед во овие прашања.
Леа Ипи e родена 1979 година во Драч, Албанија Taa e универзитетски професор, предава политичка теорија на Лондонската школа за економија (London School of Economics). Студирала филозофија и литература на римскиот универзитет „Сапиенца“, а докторирала на Европскиот универзитетски институт (EUI) во Фиренца. Полето на нејзиниот научен интерес ја опфаќа нормативната политичка теорија, политичката мисла на Просветителството (Кант), се занимава со марксизам, критичка теорија, национализам, интелектуална историја на Балканот (особено на Албанија). Објавила бројни трудови во областа на политичката теорија.
Неодамна британскиот часопис „Проспект“ ја вброи меѓу десетте најзначајни светски мислители.
Авторка е на повеќе академски книги, а пошироката публика ја запознава со мемоарот „Free: Coming of Age at the End of History“ („Слобода: созревање на крајот на историјата“). Книгата ја доби наградата „Ондатје“ од Кралското книжевно друштво, наградата „Слајтли Фокст“ за најдобро прво биографско дело, беше во најтесен избор за наградите „Коста“, „Бејли Гифорд“ и „Гордон Бирн“. За книга на годината ја прогласија Њујоркер, Вашингтон пост, Фајненшел тајмс, Тајмсовиот книжевен додаток, Форин аферс, Сандеј тајм., Преведена е на повеќе од 35 јазици, а на македонски јазик ја објави издавачката куќа „Или-или“ во 2024 г.
Фестивалот BookStarна своето 12-то издание го отвора прашањето ЧУМУ СЛОБОДА? односно FREE AT LеAST?, инспирирано од зборовите на Мартин Лутер Кинг Јуниор: „Никој не е слободен сè дури сите не сме слободни“. Фестивалот е повик да размислиме за слободата како една од највредните и најкревките човечки состојби. Во време кога границите – видливи и невидливи – повторно се појавуваат околу нас, книжевноста останува простор во кој мислата може да се движи без ограничувања.
Слободата во пишувањето значи можност авторот да го постави прашањето што другите се плашат да го изговорат, да раскаже приказна што ја прикажува стварноста од нов агол и да создаде свет во кој различностите не се пречка, туку богатство. Токму затоа книжевноста отсекогаш била место на отпор, на имагинација и на дијалог.

Македонски


