
Владата разговара со европските лидери и со високи претставници на Европската Унија за изнаоѓање решение со кое би се деблокирал македонскиот евроинтегративен процес, но клучното прашање е што се разговара и до каде е границата што државата е подготвена да ја прифати. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека разговорите постојат, дека никогаш не биле тајна и дека ќе продолжат, но оти Владата нема намера да носи брзоплети одлуки само за да се придвижи процесот.
Во гостувањето во „Тема на денот“ на ТВ Сител, Мицкоски потврди дека прашањето за деблокирање на европскиот пат е една од главните теми во неговите разговори со европските државници.
– Нема никаква дилема дека ќе разговараме, разговараме и сме разговарале со цел да бараме решение. Прашањето е што разговарате и која е вашата црвена линија до која вие одите во тие разговори. Тоа е нашата задача и пред граѓаните кои ни ја дале довербата, но и како Влада – рече Мицкоски.
ЕУ-патот тема и во разговорите со Макрон и Мерц
Како пример ги посочи средбите во Тиват со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, наведувајќи дека една од централните теми била токму можноста за придвижување на македонските евроинтеграции.
Според Мицкоски, разговорите не мора да значат формални преговори на една маса, туку се одвиваат во рамките на билатералните средби и директните контакти со европските партнери.
– Ние сме разговарале, разговараме и ќе продолжиме да разговараме. Друго е прашањето дали во тие разговори ќе успееме да постигнеме решение, имајќи предвид која е нашата позиција – рече премиерот.
Тој повторно остро ја критикуваше позицијата што, според него, актуелната власт ја наследила од претходната Влада, оценувајќи ја како „предавнички губитничка“.
– Од таму почнуваме и се обидуваме педа по педа да повратиме нешто што може да се поврати – рече Мицкоски.
Директни контакти меѓу кабинетите
Прашан дали во разговорите има посредник или олеснувач, премиерот рече дека комуникацијата главно се води со претседатели и премиери на европски држави, како и со високи претставници на ЕУ.
Тој откри дека постои и директен контакт меѓу неговиот кабинет и кабинетите на Мерц и Макрон.
Мицкоски посочи дека европските интеграции биле централна тема и во разговорите со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и со еврокомесарката за проширување.
– Нема тука тајни под или над радарот. Тоа е суштината на оваа Влада, покрај тоа да се грижи да ги реши домашните проблеми и домашните предизвици, да успее да ги реши и меѓународните, односно надворешните предизвици – рече тој.
Следниот период носи многу непознати за проширувањето
Премиерот, сепак, предупреди дека меѓународната ситуација станува сè посложена и дека не е извесно колку долго проширувањето на ЕУ ќе остане меѓу приоритетите на најголемите европски држави.
Според неговата проценка, зголемениот интерес за проширувањето во моментов во голема мера е поврзан со Украина, а во тој контекст е опфатен и Западен Балкан. Но, домашните политички процеси во клучните европски земји, смета Мицкоски, можат да го променат фокусот.
Тој ги посочи политичките случувања во Германија и растот на рејтингот на АфД, како и претстојните политички процеси во Франција. Според него, евентуалните политички преструктуирања во овие земји можат да влијаат и врз нивниот однос кон натамошното проширување на Унијата.
Дополнителна неизвесност, според премиерот, создаваат и глобалните геополитички и економски предизвици, меѓу кои конфликтот во Иран и растот на цените на нафтата.
– Ќе имаме многу прашалници, ќе имаме многу непознати и ќе треба многу внимателно целиот овој процес да го анализираме – порача Мицкоски.
„Во 2018 година ни велеа дека сме на брза лента“
Говорејќи за можноста Македонија да биде дел од истиот бран на проширување со Црна Гора и Албанија, Мицкоски се наврати на ветувањата од периодот на Преспанскиот договор и промената на уставното име.
Тој потсети дека во 2018 година, кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, дел од европските дипломати уверувале дека решавањето на спорот со Грција ќе ја стави земјата на „брза лента“ кон ЕУ.
– Нè убедуваа дека прозорецот е отворен, дека сега е моментот, дека ние сме фронтранери во регионот и дека ако го прифатиме и свариме овој залог, веднаш стануваме земја членка на НАТО и во рамките на четири-пет години ќе ги завршиме преговорите и ќе станеме земја членка на ЕУ. Тие четири-пет години поминаа пред две-три години. Ние се наоѓаме на истото место каде што бевме пред 21 година, односно со статус кандидат – рече Мицкоски.
Токму поради тоа, вели премиерот, Владата нема простор за импровизации и одлуки донесени под притисок.
Според него, секој следен чекор треба внимателно да се анализира пред да се прифати решение кое би имало долгорочни последици за државата.
Одговорот треба да биде забрзување на реформите
Паралелно со политичките разговори за деблокирање на евроинтеграциите, Мицкоски смета дека Македонија треба да се обиде да ја зајакне својата позиција преку побрза реализација на реформите од Реформската агенда.
Тој тврди дека Македонија е меѓу најуспешните земји во регионот во реализацијата на обврските поврзани со европскиот План за раст и очекува позитивниот тренд да продолжи и со следното оценување.
Според Мицкоски, сегашната рамка за Македонија, која опфаќа кредити, грантови и буџетска поддршка, изнесува околу 750 милиони евра, а постои можност таа дополнително да биде зголемена.
Премиерот посочи дека доколку дел од земјите од регионот не ги исполнат реформските обврски и не можат да ги искористат предвидените средства, Македонија треба да се позиционира како држава која може да добие дел од дополнително расположливите пари.
– Треба да се наметнеме како држава којашто сериозно претендира да испорача реформи и тука треба да одговориме жестоко и агресивно со испораката на тие реформи, што впрочем и го правиме – порача Мицкоски.
Според премиерот, стратегијата на Владата во следниот период ќе се движи по две паралелни линии – продолжување на разговорите со европските партнери за надминување на блокадата, но без преминување на поставените „црвени линии“, и забрзување на домашните реформи со кои Македонија треба да ја зајакне својата позиција во процесот на европска интеграција.

Македонски


