Skip to main content

Мицкоски: Платите растат 70 отсто, а пензиите 325 отсто побрзо од времето на СДСМ и ДУИ

Bruno from Pixabay

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека просечната плата и старосната пензија во периодот на актуелната Влада бележат значително побрз месечен раст во споредба со периодот кога на власт беа СДСМ и ДУИ.

Во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител, Мицкоски рече дека направил споредба на движењето на просечната плата во текот на 84-те месеци од претходната влада со првите 23 месеци од мандатот на актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Како период за претходната власт тој го зема времето од јуни 2017 до мај 2024 година, додека за актуелната Влада пресметката ја прави од јули 2024 до мај 2026 година, за кога, според него, е објавен последниот податок на Државниот завод за статистика.

– Ако го анализирате порастот на просечната плата во тој период и го споредите со порастот на просечната плата од јули 2024 година, којшто е наш прв месец како Влада, до последниот податок објавен од Државниот завод за статистика, а тоа е мај 2026 година, ќе дојдете до заклучок дека за 70 отсто повеќе расте просечната плата во овој период на оваа Влада споредено со периодот на претходната влада – рече Мицкоски.

Тој нагласи дека станува збор за споредба на просечниот месечен раст, а не за тврдење дека платите вкупно се зголемиле за 70 отсто во изминатите 23 месеци.

„Тоа се бројки. Овие бројки вие не можете да ги лажирате“, порача премиерот.

Мицкоски направи споредба и кај старосните пензии, каде тврди дека разликата во динамиката на раст е уште поголема.

– Старосната пензија во овој период на оваа Влада, замислете – јас лично ја правев оваа анализа – е за 325 отсто побрзорастечка на месечно ниво споредено со претходната влада на СДСМ и ДУИ – изјави Мицкоски.

Според премиерот, овие показатели ја покажуваат разликата во динамиката со која растат примањата на граѓаните во периодот на актуелната и претходната влада.

Поврзани вести