
Од денеска и странските возачи кои со своите возила ќе бидат снимени во сообраќаен прекршок од системот „Безбеден град“, казните ги регулираат при излез од Македонија.
Новата практика особено ги засега странските државјани кои транзитираат низ земјава по Коридорите 8 и 10, каде системот за видео-надзор регистрира прекршоци, меѓу кои и пречекорување на дозволената брзина.
Возилата со странски регистарски таблички досега беа регистрирани од камерите, но практичниот механизам за наплата на казните на граница беше во фаза на воспоставување. Во јули министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека казните за странските возачи ќе се реализираат преку граничните премини.
Од денеска механизмот е во примена, па возачите кои направиле прекршок во Македонија можат да бидат задржани на граничниот премин додека не ја регулираат изречената санкција.
Токму ова создава дополнителни задржувања на границите во период кога низ земјава транзитираат голем број странски туристи. Најголем сообраќаен интензитет има на правците кон Грција, особено во летната сезона.

Системот „Безбеден град“ функционира од 1 февруари годинава на подрачјето на Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10. МВР тогаш најави санкционирање на прекршоците регистрирани преку камерите.
За странските возачи ова значи дека прекршокот регистриран со камера повеќе не останува само како електронска евиденција. При напуштање на земјава, надлежните можат да побараат регулирање на казната.
МВР во јули соопшти дека „Безбеден град“ ќе важи за сите учесници во сообраќајот, без разлика дали станува збор за македонски или странски регистарски таблички.
Со ова, Македонија воведува дополнителен механизам за санкционирање на странските возачи кои прават сообраќајни прекршоци во транзит низ земјава, а граничните премини стануваат и место за регулирање на неплатените сообраќајни казни.

Македонски


