
Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница донесе повеќе одлуки и акти поврзани со подготовката и спроведувањето на предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница, кои ќе се одржат на 18 октомври 2026 година.
Комисијата едногласно го усвои упатството за спроведување јавен увид во Избирачкиот список, со кое се уредуваат начинот, условите и постапката за проверка и ажурирање на избирачките податоци.
Образложувајќи ја точката за јавниот увид во Избирачкиот список, членот на Комисијата, Борис Кондарко, истакна дека со упатството се уредуваат начинот, условите и постапката за спроведување на увидот, како и остварувањето и заштитата на избирачкото право на граѓаните на општина Брвеница.
Тој појасни дека јавниот увид ќе трае од 22 август до 10 септември и ќе се спроведува во Подрачното одделение на ДИК во Тетово, секој ден од 8 до 20 часот, вклучително и за време на викенди и празници, а на последниот ден ќе трае до полноќ.
На седницата беше усвоена и одлука за утврдување на изгледот и колоритот на идентификациските беџови што ќе ги користат изборните органи, ИТ-персоналот, овластените претставници на учесниците во изборната постапка, како и домашните и странските набљудувачи.
Членовите на Комисијата едногласно ја одобрија и одлуката за дополнување на веќе формираните помошни тела за организирање на изборниот процес. Со одлуката се предвидува ангажирање дополнително лице за постапките за јавни набавки и уште пет лица од ИТ-секторот, кои ќе бидат задолжени за оперативно-техничка поддршка на изборите и подготовка на електронската опрема за сите 24 избирачки места во општината.
ДИК го усвои и Кодексот за набљудување на изборите и изборната постапка, со кој се утврдуваат правилата и процедурите за работа на акредитираните домашни и странски набљудувачи.
Според Кодексот, набљудувачите мора да бидат непристрасни, да поседуваат соодветни овластувања и своите извештаи да ги темелат исклучиво на потврдени факти, а строго се забранува политичко влијание, поддршка на кандидати или носење партиски обележја.
Во рамките на седницата беше усвоен и регистарот на медиуми што ќе може да вршат платено политичко рекламирање во изборната кампања. Членката на ДИК, Светлана Карапетрова, информира дека во регистарот се впишани телевизиите „Коха“ и „Глоби“, трите радиостаници „Плус форте“, „Кис Тетово“ и „Блета Тетово“, како и 16 интернет-портали.
Сите одлуки поврзани со подготовката на предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница беа усвоени едногласно од членовите на Државната изборна комисија.(МИА)

Македонски


