Skip to main content

Вечерва се отвора самостојната изложба „Пигменти и пиксели“ на Мице Јанкуловски во Музејот на современата уметност Лерин

Уметникот Мице Јанкуловски вечерва во Музејот на современа уметност во Лерин, Грција, ќе ја претстави самостојната изложба „Пигменти и пиксели“, која ќе биде отворена до 19 септември годинава.

Изложбата опфаќа повеќе од 50 дела од повеќегодишното творештво на Јанкуловски, вклучувајќи слики, графики и видеоинсталации. Поставката ја истражува поврзаноста меѓу традиционалните уметнички медиуми и современата дигитална технологија.

Сликите и графиките на Јанкуловски, препознатливи по текстурата, слоевитоста и рачниот гест, се поставени во дијалог со видеоинсталациите, преку кои уметникот ги истражува движењето, светлината и времето.

-Ова не е конфронтација помеѓу старото и новото. Тоа е разговор. Пигментот и пикселот се едноставно различни вокабулари за истиот јазик – јазикот на перцепцијата на уметникот- вели кураторката на изложбата Корнелија Конеска.

На отворањето ќе се обратат заменик-градоначалникот на Лерин за култура Николас Јоану, претседателот на Музејот за современа уметност во Лерин Андреас Цокас и професорот на Факултетот за општествени и хуманитарни науки во Лерин Николас Тамуцелис.

Изложбата ќе ја отвори Деспина Ипиоти, генерален конзул во Генералниот конзулат на Грција во Битола.

„Пигменти и пиксели“ го претставува долгогодишниот уметнички дијалог на Јанкуловски меѓу рачно изработеното и електронското. Преку поставката, пигментот и пикселот се појавуваат како различни средства за истражување на перцепцијата, меморијата и односот меѓу материјалноста и технологијата.

Мице Јанкуловски е современ визуелен уметник чијашто практика опфаќа сликарство, графика и видео уметност. Со кариера обележана со бројни самостојни и групни изложби низ целиот свет, неговите дела се чуваат во приватни и јавни колекции на меѓународно ниво. Неговата уметност истражува теми на меморија, перцепција и пресекот на материјалноста и технологијата

Поврзани вести