
Антологиската едиција „Бајки од Македонија“ продолжува да создава нови креативни форми за бајките од македонското народното творештво. Најпознатата македонска бајка за Силјан Штркот, која претходно беше објавена како дел од изданието „Бајки од Македонија за цела година“, отсега е достапна во нова посебна илустрирана сликовница. Сликовницата е во издание на „Арс Ламина – публикации“, во соработка со Здружението за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине!“. Илустрациите се на Катерина Николовска, која му дава нов живот на ликот и на светот на Силјан.
Изданијата од едицијата „Бајки од Македонија“ се исклучително популарни помеѓу младата читателска публика, а од новата учебна година изборот бајки од Македонија влегува во наставната програма за основно образование и станува дел од редовните лектири за четврто одделение. Проектот, кој повеќе од една деценија се реализира во чест на големиот креативец Иво Лауренчиќ, преку Движењето за поддршка на креативноста – „Браво сине!“, во партнерство со издавачката куќа „Арс Ламина“, со тоа доби институционална потврда за своето значење.
Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине!“, нагласи дека да се биде дел од една ваква приказна како што е „Бајки од Македонија“ е вистинска привилегија и голема радост.
„Кога започнавме со овој проект сакавме да ја поттикнеме креативноста кај младите и да помогнеме во создавање на дело со трајни вредности. Денес, кога ќе погледнам ретроспективно, со гордост можам да кажам дека резултатите ги надминаа сите наши очекувања. Нашата посветеност и ентузијазам создадоа жива култура, а ‘Браво сине!’ помогна да се создадат нови културни форми за уметнички израз. Нашата заложба е македонското книжевно и културно наследство да продолжи да живее и да биде достапно за новите генерации. Затоа особено нè радува што ‘Силјан Штркот’ добива нова форма, прилагодена на најмладите читатели. Ние ќе продолжиме да создаваме и со иста посветеност ќе бараме нови можности за македонската креативност“, нагласи Пеева Лауренчиќ.
Во рамките на досегашната соработка помеѓу Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ издадени се 80 бајки и четири басни од Македонија. На досегашните јавни конкурси за креирање на овие дела се пријавиле над 100 илустратори и повеќе од 300 автори кои доставиле повеќе од 440 текстови. Дел од изданијата на бајките и басните од Македонија се преведени на седум светски јазици, како и на Брајовата азбука, а добитници се и на бројни домашни и меѓународни награди и признанија.
„Силјан Штркот“ е едно од врвните остварувања на македонската народна проза, во кое се испреплетуваат реалното и фантастичното, а приказната за Силјан отвора теми за растењето, одговорноста, семејството, непослушноста и последиците од сопствените избори.
Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс Ламина“, посочи дека Силјан Штркот е една од оние приказни со кои треба да расте секое дете.
„Со објавувањето на оваа сликовница ја продолжуваме нашата долгогодишна мисија книжевното наследство да го доближиме до новите генерации читатели, на јазик и во форма што ќе им бидат блиски, без да се изгуби вредноста на оригиналното дело. Токму затоа особено нè радува што ‘Силјан Штркот’ сега ‚одлетува’ од големата книга ‘Бајки од Македонија за цела година’ и добива свое самостојно издание, наменето за најмладите читатели“, истакна Бугариска.
Во ова дело јасно се препознава и големината на Марко Цепенков како раскажувач. „Силјан Штркот“ е сложено дело во кое народниот јазик, фантастиката, хуморот, поуката и психолошката нијансираност се испреплетуваат во единствена целина.
Движењето за поддршка на креативноста – „Браво сине!“ го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија, Иво Лауренчиќ, кој во текот на целиот свој работен век им даваше несебична поддршка на младите и ги поттикнуваше да го изразат својот креативен потенцијал.

Македонски


