Skip to main content

Од плажа на Халкидики отстранети околу 100 нелегално поставени лежалки и чадори

МИА

Околу 100 чадори и лежалки, нелегално поставени, фиксирани и заклучени на плажата Геракини помеѓу првиот и вториот крак на Халкидики, утрово во акција на општина Полигирос биле отстранети и пренесени во погон за рециклирање, јави дописничката на МИА од Атина.

Од општината информираа дека лежалките и чадорите зафаќале делови од плажата и го ограничувале слободниот пристап на капачите, а на акцијата ѝ претходело соопштение преку кое ги повикале граѓаните и туристите да ја отстранета поставената опрема.

Дел од нив не го испочитувале повикот, поради што чадорите и лежалките биле отстранети.

Акцијата ја спровеле општински службеници со помош на еден камион, две теренски возила и еден багер, а присутен бил и заменик-градоначалникот Василис Фардојанис, кој посочи дека не станува збор за потег насочен против никого.

Станува збор за интервенција што се подразбира со цел заштита на јавниот простор и спроведување на правилата што важат за сите. Општината ќе продолжи со контролите и интервенциите онаму каде што е потребно, со цел плажите на Општина Полигирос да останат чисти, слободни и достапни за жителите и посетителите, истакна Фардојанис.

Чадорите и лежалките што се отстрануваат, како што е пракса, се третираат како отпад и се пренесуваат во погон за рециклирање.

Минатата седмица, како што објави МИА, вакви акции спроведе и општина Касандра на првиот крак на Халкидики, на шест различни локации, односно во подрачјата на Мола Калива, Неа Скиони, во Калитеа, Ханиоти, како и во крајбрежната зона меѓу Криопиги и Полихроно.

Поврзани вести