Во четврток, на 23 јануари 2025 година, со почеток во 20:00 часот, во Кинотека на Македонија ќе биде прикажан филмот „Зона на интерес“.
„Зона на интерес“, во режија на Џонатан Глејзер, е филм кој ја истражува монструозноста на обичноста во сенката на најголемото зло на човештвото. Сместен во идиличната куќа на семејството на Рудолф Хес, командантот на логорот Аушвиц, филмот ги следи нивните секојдневни животи.
Семејството се чини совршено – мајка посветена на своите деца, татко кој со прецизност ги извршува своите „должности“, и дом полн со хармонија. Но, зад ѕидовите на нивната градина се одвива најголемата трагедија на Холокаустот. Филмот ги избегнува директните сцени на насилство, но присуството на злото е секогаш опипливо, преку звуците, визуелните алузии и неподносливата нормализација на ужасот.
Глејзер, адаптирајќи го романот на Мартин Ејмис, успева да ја пренесе основната порака на делото: како е возможно луѓето да продолжат со своите мали, банални животи додека на чекор од нив се случува нешто толку нечуено?
„Зона на интерес“ е филм кој не нуди лесен одговор, ниту морален суд. Глејзер успева да создаде силно и вознемирувачко искуство, поставувајќи ги гледачите директно пред некомфортната вистина: злото често постои не како исклучок, туку како дел од секојдневието.
Филмот освоил две награди „Оскар“ – за најдобар странски филм и за најдобар звук, а бил номиниран и во уште три други категории (режија, адаптирано сценарио и најдобар филм). Исто така, филмот имал и три номинации за наградите „Златен глобус“: за најдобар филм, за најдобар странски филм и за музика. На Канскиот филмски фестивал, филмот ги освоил наградите Гран при и наградата на критиката Фипресци, а освоил и Европска филмска награда за најдобар звук.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари
ЗОНА НА ИНТЕРЕС
(The Zone of interest)
Игран филм, Обединето кралство, САД, Полска
2023, 105 мин., колор, ДЦП
Режисер: Џонатан Глејзер (Jonathan Glazer)
Сценарио: Џонатан Глејзер (Jonathan Glazer)
Улоги: Сандра Хилер, Кристијан Фридел (Sandra Hüller, Christian Friedel)