
Фестивалот „Охридско лето“ вечерва нуди две музички содржини – завршен концерт на Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика и настап на Младинскиот оркестар на Западен Балкан.
Во 17 часот на сцената на Долни Сарај ќе се одржи завршниот концерт Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика под уметничко раководство на Емилио Перцан и Тамила Гулиева. Во 21 часот црквата „Св. Софија“ ќе настапи Младинскиот оркестар на Западен Балкан. На програмата се дела од Вагнер, Дука, Енеску и од Респиги, а ќе биде изведено и наградено дело од млад композитор од Западен Балкан
Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика, под уметничко раководство на виолинистот Емилио Перцан, постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Хрватска, а од 2014 година со поддршка на македонското Министерството за култура и на градот Охрид, продолжува да се одржува во Охрид. Семинарот го посетуваат млади виолинисти од Русија, Германија, Австрија, Хрватска, Грција, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и од Македонија, а досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од овие, но и од други земји. На семинарите, исто така, редовно учествуваат педагози и изведувачи, и професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. Како дел од семинарот, традиционално, се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници, па така и оваа година тие ќе се претстават со концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Македонскиот виолинист Емилио Перцан има активна педагошка и изведувачка кариера и соработува со уметници како: Викторија Мулова, Даниел Хоуп, Кент Нагано, Чен Реис, Рафаела Миланези и други. Од март 2015 година предава виолина на Универзитетот за уметност во Грац-Австрија, а од октомври 2020 година и на Универзитетот „Калаидос“ во Цирих. Држи семинари по виолина, виола, камерна музика и предавања по историска изведба, методика во Германија (Schloss Akademie Hamburg), Русија (Конзерваториум „Чајковски“, Гнесинска академија, Иполитовски институт), Австрија (Gifted in music), Италија, Киргистан, Украина итн. Неговите студенти се добитници на повеќе од 150 меѓународни награди.
Пијанистката Тамила Гулијева дипломира и магистрира со почести на Музичката академија во Баку (Азербејџан), а продолжува да се усовршува на Универзитетот „Фолкванг“ во Есен, каде од 2007 година е ангажирана и како предавач. Гулијева е добитничка на повеќе награди, меѓу кои прва награда на Фестивалот за млади пијанисти и награда за Најдобар пијано-соработник во 1999 година. Како солист настапува рецитално и со симфониски и камерни оркестри, а е официјален пијано-соработник на мајсторските курсеви на Мстислав Ростропович, Табеа Цимерман, Квартетот „Форе“ и др.
Младинскиот оркестар на Западен Балкан е основан врз база на уверување дека музиката успева да ги зближи луѓето онаму каде честопати зборовите и политичарите не успеваат. Оркестарот создава уникатен простор за креација на младите музичари од различни земји и култури, помагајќи им да ги надминат разликите и да се сплотат во заедничка уметничка креација. Инспириран од духот на Европските летни музички академии кои се одржуваат во Приштина од 2012 година, оркестарот официјално е формиран во 2019 година под уметничко раководство на диригентот и пијанист Десар Сулејмани. Преку работа со искусни музичари и ментори, преку турнеи и концерти, учесниците во оркестарот се оформуваат во искусни професионалци подготвени за идните меѓународни соработки. Во овој процес, музичките квалитети одат рака под рака со културната размена, дијалогот и личниот развој. Преку спојот на млади уметници од различни култури се поттикнува процесот на учење, заедничко музицирање и раст и развој, со што овој уникатен оркестарски ансамбл не само што ги премостува разликите туку гради мостови кои се протегаат многу подалеку од оркестарската сцена.

Македонски


