
Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго однесе 2.325 животи, со што го надмина бројот на жртви во епидемијата од 2018 до 2020 година и стана најсмртоносната во историјата на земјата.
Конгоанскиот Институт за јавно здравје соопшти дека бројот потврдени случаи се зголемил на 4.945, вклучително и 101 нов случај регистриран во последните 24 часа.
Станува збор за 17-та епидемија на ебола во Конго, која веќе кон крајот на јули ја надмина претходната по бројот случаи и стана најголема во историјата на земјата според тој показател.
Најновите владини податоци покажуваат дека бројот починати го надминал досегашниот црн рекорд од 2.299 жртви, колку што беа регистрирани во епидемијата од 2018 до 2020 година.
Три месеци по официјалното прогласување, сегашната епидемија по размери е помала само од епидемијата во Западна Африка во периодот 2014–2016 година. Тогаш во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне беа регистрирани 28.616 случаи и 11.310 смртни случаи, според податоците на Светската здравствена организација.
За време на епидемијата во Западна Африка за пет месеци имаше илјада мртви. Во актуелната епидемија во Конго бројот жртви достигна две илјади за помалку од три месеци.
Епидемијата ја предизвикува сојот ебола „Бундибуџо“, за кој нема одобрени вакцини или лекови. Таа почна забрзано да се шири по прогласувањето на 15 мај, додека слабата здравствена инфраструктура, отпорот на локалното население и нестабилноста дополнително ги отежнуваат напорите за откривање на случаите и справување со епидемијата.(МИА)

Македонски


