
Вчерашниот ден беше најтежок во оваа сезона на пожари од аспект на загрозеност на населени места, бидејќи имавме два алармантни пожари, изјави Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Најтешка ситуацијата со справување со пожарите вчера била во Пелагонија каде што пожарот ги загрозил селата Ивањевци, Лознани и Новоселани. Ја издвои храброста на младиот тракторист Александар Чепиговски) од село Ивањевци, кој со својот трактор орал директно низ огнот и придонел за гасење делови од огнента линија. Соопшти и дека еден жител бил повреден и пренесен во болница поради изгореници на дланките.
Во доцните попладневни часови лично пристигнав во селото Лознени и тоа што го видов беше застрашувачки затоа што огнот беше на 50-ина метри над куќите и се движеше по висока сува трева кон првите куќи на селото. Веднаш побарав поддршка од тимови од четири „пинцгауери“ од ДЗС, на местото гасеа локалните пожарникари од Битола, но нивните сили беа недоволни затоа што линијата на огнот беше екстремно долга. Потоа „пинцгауерите“ ги распоредивме околу селата, борбата се водеше неколку часа, извонредно голем придонес даде локалното население, вели Ангелов во видеоизјавата.
Веднаш потоа ангажирал тим за брз одгвоор на ДЗС, составен од 20 припадници на Доброволното противпожарно друштвво „Архангел“ од Битола, кои брзо се распоредиле и помогнале во гасење на преостанатите линии.
Имаме и едно повредено лице, најверојатно со изгореници на дланките. Тој е пренесен во болница и дополнително ќе објавиме за неговите повреди, рече Ангелов.
За трактористот Аце (Александар Чепиговски) од село Ивањевци истакна дека со неговиот огромен трактор направил херојско дело, орајќи директно низ пожарната линија и гасејќи голем дел од линијата којашто загрозувала еден дел од селото Лознени.
Битката беше многу тешка и затоа апелирам до граќаните да бидат многу внимателни, рече Ангелов

Македонски


