
Кинеската платформа за онлајн продажба на облека Шеин планира да ги зголеми цените на своите производи во Европа за да покрие дел од дополнителните трошоци предизвикани од новата европска такса за мали пратки што пристигнуваат од земји надвор од ЕУ.
Ова се наведува во документацијата што компанијата ја доставила до берзата во Хонгконг. Од Шеин предупредуваат дека повисоките цени краткорочно би можеле да доведат до намалување на продажбата, а негативниот ефект во Европската Унија би можел да биде сличен или дури поголем од оној што веќе е забележан на американскиот пазар.
Во првиот квартал од 2026 година, приходите на Шеин во САД по укинувањето на царинското ослободување за мали пратки паднале за 14,3 отсто, додека глобалните приходи на компанијата пораснале само 1,1 отсто.
Европскиот пазар е особено важен за компанијата, бидејќи повеќе од 32 отсто од нејзините вкупни приходи во првиот квартал биле остварени во Европа.
Од 1 јули во ЕУ се наплаќа фиксна такса од три евра за пратки до 150 евра што пристигнуваат од земји надвор од Унијата. Мерката е воведена поради огромниот прилив на евтина стока од кинески платформи како Шеин, Тему и Алиекспрес.
Според Европската комисија, во текот на 2025 година во ЕУ пристигнале 5,9 милијарди пратки со вредност до 150 евра, што е 28 отсто повеќе од 2024 година и дури 150 отсто повеќе во однос на 2023 година. Околу 90 отсто од нив потекнувале од Кина.
ЕУ планира целосна реформа на царинскиот систем до 2028 година. Тогаш таксата од три евра би требало да биде укината, а малите пратки би се оданочувале според редовните царински стапки за конкретните производи.
До тогаш Шеин ќе треба да одлучи колкав дел од дополнителните трошоци ќе го префрли врз купувачите, а колкав ќе го преземе компанијата.

Македонски


