Skip to main content

Пронајден починат оперативниот директор на „Алсат“, Лирим Хајредини

Оперативниот директор на телевизијата „Алсат“, Лирим Хајредини, утрово е пронајден починат во близина на трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. Местото е обезбедено од полицијата, а телото ќе биде предадено на обдукција за да се утврдат околностите и причината за смртта.

Првичната информација ја објави порталот 4News. Засега, сепак, нема официјална потврда од надлежните институции за причината за смртта, поради што се очекуваат резултатите од истрагата и обдукцијата.

Денеска (13.08.2026) околу 09:25 часот во СВР Скопје е пријавено дека пред зграда на бул. „Крсте Мисирков“ во Скопје има лице со повреди. Полициски службеници од ПС Бит Пазар излегле на местото на настанот и констатирано е дека лицето е Л.Х. (38) од Скопје, кое починало од здобиените повреди, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Известен е јавен обвинител и во тек е увид на местото на настанот, велат од МВР за „Република“.

Хајредини повеќе од 16 години беше оперативен директор на националната телевизија „Алсат“. Во медиумскиот сектор беше познат како долгогодишен менаџер со искуство во телевизиска продукција, маркетинг и деловно управување.

Пред ангажманот во „Алсат“, Хајредини работел и во Македонскиот центар за меѓународна соработка, а неговото име со години се појавува и во анализи и истражувања за медиумскиот пазар во Македонија како оперативен директор на телевизијата.