Skip to main content

Подзаборавени јадења од нашите баби (прв дел)

pexels/ Kadir Altintas

Во време кога брзата храна е дел од секојдневието, многу од традиционалните македонски јадења полека паѓаат во заборав. Некогаш редовен дел од трпезата на нашите баби и дедовци, денес ретко се подготвуваат, иако се едноставни, вкусни и направени од природни состојки.

  1. Манџа со маџун (слатко-кисела чорба)

Едно од најкарактеристичните стари јадења, особено во Тиквешко, Велешко и Повардарие. Се подготвувала со кромид, масло, пипер, брашно и домашен маџун (густ сируп од грозје), а често се додаваат и суви пиперки или парчиња месо.

Некогаш маджунот бил главен засладувач во македонските домови, па ова јадење било комбинација од слатко и кисело – вкус кој денес речиси исчезнал од трпезите.

  1. Попара

Попарата била типичен појадок на нашите баби и дедовци. Се правела од стар леб кој се преливал со врело млеко, чај или вода, а потоа се додаваат сирење, путер или маст.

Освен што е евтина и хранлива, попарата е пример за тоа како некогаш ништо не се фрлало од храната.

  1. Турлитава

Турлитавата е старо селско јадење подготвено од различни сезонски зеленчуци – модар патлиџан, тиквички, компири, домати, пиперки, боранија и кромид, а по желба и со јагнешко или телешко месо.

Се пече бавно во земјен сад, а токму долгото печење му го дава препознатливиот вкус. Денес ретко се подготвува, иако е едно од најздравите традиционални македонски јадења.