
Мароко ја предупредило Шпанија за миграциските ризици што ги носи неодамнешната одлука на шпанскиот суд уште пред избувнувањето на кризата во Сеута, изјави денеска висок марокански претставник за Франс прес. Тврдењето подоцна беше демантирано од Мадрид, јави ДПА.
Во последните денови околу 50.000 лица, претежно марокански државјани, пристигнале или се обиделе да пристигнат во шпанската полуенклава Сеута пеш или пливајќи од соседниот марокански град Фнидек.
Овој невиден прилив за кратко време ги преоптовари капацитетите на шпанската територија, по што уследи враќање на илјадници лица во Мароко, што предизвика дипломатски тензии во Европската Унија.
Според мароканскиот претставник, кој синоќа разговарал со повеќе западни медиуми, властите во Рабат однапред го предупредиле Мадрид за последиците од неодамнешната пресуда на шпанскиот Врховен суд, според која итната депортација на мигранти нема да се применува за лицата што пристигнуваат по морски пат.
Им објаснивме дека оваа одлука ќе создаде проблем за нас. И навистина создаде проблем – изјави тој.
Портпаролката на шпанската Влада и министерка за инклузија, социјално осигурување и миграција, Елма Саис, ги отфрли овие тврдења.
Во ниту еден момент немаше докази или извештаи што предупредуваа за размерите на овој настан без преседан – изјави Саис.
Во петокот шпанскиот премиер Педро Санчез оцени дека мигрантската криза во Сеута е поврзана со гласини што ги ширеле „мафијашки мрежи за трговија со луѓе“, врз основа на погрешно толкување на судската одлука.
Мароканскиот претставник изјави дека разговорите со шпанските власти започнале околу 22 или 23 јули, кога, како што рече, „мрежите почнале да зборуваат“ за новата судска одлука.
Тој нагласи дека немало пропуст во работата на мароканските безбедносни служби.
Лесно е да се каже дека Мароко едноставно требало да употреби сила за да ги запре. Тоа покажува целосно неразбирање на оваа појава – рече тој, додавајќи дека безбедносните сили не можеле да влезат во судир со толкав број луѓе.
Не е одговорност само на Мароко да се справува со овој феномен – нагласи тој, посочувајќи дека кралството годишно издвојува околу 500 милиони евра за управување со миграцијата.
Мароканскиот претставник сепак увери дека Рабат и Мадрид дејствуваат „како доверливи партнери“ и продолжуваат да работат во „идеална координација“ по миграциските прашања.
Сега е на ред Шпанија да најде одговор на предизвиците што произлегуваат од оваа судска одлука – изјави тој.
Од своја страна, Елма Саис оцени дека „ваков исклучителен одговор за толку краток временски период немаше да биде можен без соработката на Мароко“.

Македонски


