Skip to main content

Војната ги качи цените во Иран до небо

Трошоците за живот во Иран нагло пораснаа по антивладините протести во јануари и во текот на речиси петте месеци војна со Соединетите Држави, пренесуваат државните медиуми.

Потрошувачките цени минатата година скокнаа за 66 отсто, јави денеска државната телевизија ИРИБ.

Сè поголемите трошоци, лошите економски прогнози и сè почестите недостизи претставуваат сè поголем притисок за Иранците.

И полуслужбената новинска агенција „Тасним“ денеска јави за нагол пораст на трошоците за медицински услуги, преполни болници и долги редици пред специјализираните амбуланти.

Поради економската криза во земјата во јануари избувнаа масовни протести, а кризата дополнително ја влошија меѓународните санкции. Властите насилно ги задушија демонстрациите.

Од избувнувањето на војната кон крајот на февруари, американските и израелските воздушни напади уништија клучни индустриски капацитети ширум Иран.

Економската активност дополнително ја оптоварија и исклучувањето на интернетот и затворањето на компаниите за време на судирот.

Светската банка во април објави дека годишната стапка на инфлација во Иран во претходните две години изнесувала околу 40 отсто и дека цената на храната во февруари 2026 година, во однос на истиот период минатата година, пораснала дури за 99 отсто.(МИА)

Поврзани вести