Skip to main content

Клековски: Почна мисијата на Светската банка и ЕИБ за капиталните проекти во болниците во Штип, Тетово и Кичево

Во делот на проектите поврзани со програмата на Владата денеска почна мисијата на Светската банка и Европската инвестициска банка за капиталните проекти во клиничките болници во Штип и во Тетово и во Општата болница Кичево за унапредување на здравствената дејност и инфраструктурата – рече денеска министерот за здравство Сашо Клековски на прес-конференција во Владата.

Дополнително мисијата ќе прави проценка и за потребата од долгорочна нега, бидејќи, како што рече, тоа е едно од петте приоритетни подрачја во стратегијата за здравството 2020-2030 година.

Министерот посочи дека населението старее, дека е потребна се поголема туѓа нега и тоа е едно од прашањата што го согледуваат. Мисијата, појасни, денеска почна со техничкиот дел во Клиничката болница во Тетово, потоа ќе оди во Општата болница во Кичево, а утре ќе биде во Клиничката болница во Штип.

Очекуваме да има две проценки, здравствени и инвестициски или градежни. Ќе се работи по најнови стандарди, ќе се проценуваат и влијанието врз околината, врз општеството, еколошките стандарди, бидејќи дел од активностите предвидуваат и радиотерапија и нуклеарна медицина. Среќни сме што ќе имаме силна техничка поддршка во формулацијата на проектите и на документите неопходни за тендерирање на овие проекти, и со ова влегуваме во едно забрзување на процесите на реализирање на овие неколку капитални инвестиции – додаде Клековски.

Поврзани вести