
Состаноците на американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон со украинскиот претседател Володимир Зеленски и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска беа „позитивни и продуктивни“, напиша на X портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Трамп ги прими Зеленски, а потоа и Нетанјаху во Овалната соба за билатерални разговори. Фотографиите од средбите покажуваат дека биле присутни и американскиот државен секретар Марко Рубио и американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет.
Разговорите меѓу Трамп и Нетанјаху, за кои Белата куќа соопшти дека траеле нешто помалку од час и половина, се очекуваше да бидат првенствено фокусирани на Иран, бидејќи позициите на двајцата лидери за војната што ја почнаа на крајот на февруари се чини дека се разминуваат, пренесе ДПА.
Според Трамп, израелскиот премиер се обидува да ги убеди Соединетите Држави да не ѝ свртат грб на војната. Нетанјаху исто така, според извештаите, имал намера да му презентира на Трамп разузнавачки информации за наводните ирански напори за обновување на своите воени капацитети.
Во последниве месеци, некогаш блискиот однос меѓу двајцата лидери се сметаше за затегнат поради нивните разлики околу војната со Иран. Додека за Израел се наведуваше дека сака да ја продолжи војната, Трамп неколку месеци се чинеше дека бара дипломатско решение.
Според израелските медиуми, Нетанјаху останува посветен на соборувањето на иранското раководство.
Се очекува двајцата лидери, како и Зеленски, подоцна да присуствуваат на комеморацијата за покојниот републикански сенатор Линдзи Греам, кој се сметаше за еден од клучните поддржувачи и на Украина и на Израел.

Македонски



