
Вечерва македонскиот КИЦ во Загреб организира аудио-визуелно предавање „Историјата на македонската рок музика и рок култура“, на истражувачот, хроничар и автор Тошо Филиповски – најзначајниот документарист на македонската рок сцена.
Вечерта посветена на македонската рок музика е поддржана од Министерството за култура и туризам, а настанот ќе го отвори директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.
Настанот претставува уште една активност преку која Македонскиот КИЦ во Загреб ја афирмира македонската култура во сета нејзина разновидност, претставувајќи ги не само традиционалните културни вредности, туку и современите културни текови што оставиле траен белег во националната културна историја. Во тој контекст, рок музиката е препознаена како значаен сегмент од културната меморија и современото културно наследство на Македонија.
Тошо Филиповски повеќе од четири децении е посветен на истражувањето, документирањето и архивирањето на македонската рок музика и рок култура. Автор е на капиталните изданија „Македонска рок енциклопедија 1963–2018“, „Македонска дискографија – винили“, „Македонски рок времеплов“, монографијата „Мизар – Откровенија“, биографијата „ГОТРА“, како и најновата монографија „Суперхикс – Хроника на една гласна иронија“. Покрај авторската дејност, со години работи како новинар, уредник, радиоводител, телевизиски автор, организатор на фестивали, издавач и промотор, оставајќи непроценливо документарно наследство за развојот на македонската рок сцена.
Преку богата аудио-визуелна презентација, проследена со ретки фотографии, архивски видеоматеријали, музички записи и бројни интересни сведоштва, посетителите ќе имаат можност да проследат повеќе од шест децении развој на македонската рок сцена – од нејзините почетоци во шеесеттите години на минатиот век, па сè до денес.
По премиерното претставување во Загреб, Тошо Филиповски ќе ја продолжи својата турнеја низ Хрватска со гостувања во Риека, Пула, Сплит и Дубровник, претставувајќи ја богатата историја на македонската рок музика и рок култура пред хрватската публика.
Со оваа програма, Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб продолжува да ја промовира современата македонска култура и да создава нови можности за културен дијалог и соработка меѓу Македонија и Хрватска.

Македонски



