
На Исланд почна предвременото гласање на референдумот на кој граѓаните треба да одговорат дали земјата треба да ги продолжи преговорите за членство во Европска Унија или не.
Референдумот ќе се одржи на 29 август, но од денеска почна гласањето на граѓаните кои својот глас нема да можат да го дадат тогаш. Право на глас имаат сите граѓани кои наполниле 18 години. За предвременото гласање на Исланд се отворени околу 50 избирачки места и околу 130 во странство.
Предвременото гласање ќе се одржи и во одредени институции, како болници, затвори и домови за стари лица.
Референдумот следи по парламентарната резолуција усвоена кон крајот на мај со која се повикува на јавно гласање за тоа дали Исланд треба да ги продолжи преговорите за членство во ЕУ.
Исланд поднесе барање за членство во ЕУ во 2009 година, но ги замрзна преговорите за пристапување во 2013 година, кога на власт дојде евроскептична влада.

Македонски



