Skip to main content

„Хауситери“ од Горјан Милошевски, а во режија на Игор Ивковиќ премиерно на сцената на Гостиварскиот театар на 27 јули

На 27. јули 2026 година, во 20:00 часот Гостиварскиот театар премиерно ќе ја изведе претставата „Хауситери“, работена според драмскиот текст на македонскиот автор Горјан Милошевски, во режија на Игор Ивковиќ.

Во претставата играат Ирена Илиевска, Дарко Вељиќ (к.г.) и Ариан Ејупи, додека сценографијата и костимографијата се на Ирена Боневска-Чаловска.

„Хауситери“ е современа драма со елементи на комедија, која преку животот на една млада брачна двојка отвора прашања за контролата, надзорот, материјалната несигурност и цената што човекот е подготвен да ја плати за привидно подобар живот. Она што започнува како необична работна понуда, постепено прераснува во опасна игра во која исчезнуваат границите меѓу приватноста, достоинството и опстанокот.

За мене беше важно претставата да не остане само приказна за тројца луѓе, туку да стане слика на општество во кое човекот постепено се претвора во производ, бројка или содржина за набљудување. Сепак, во нејзината суштина, ова е и приказна за љубовта и за можноста повторно да го пронајдеме другиот, но и самите себе“, вели режисерот Игор Ивковиќ.

Авторот Горјан Милошевски нагласува дека во текстот го интересирал моментот кога човекот, притиснат од секојдневните проблеми, почнува доброволно да се откажува од сопствената слобода.

Ликовите не се херои, но не се ниту виновници. Тие се обични луѓе кои се обидуваат да преживеат во свет во кој сè има цена, дури и интимноста. Хуморот во текстот не служи само за забава, туку преку него најјасно се гледа апсурдот на стварноста. Среќен сум што оваа драма добива сценски живот во Гостиварскиот театар и што е создадена претстава која не нуди лесни одговори, туку отвора важни прашања“, вели Милошевски.

Од Гостиварскиот театар истакнуваат дека со поставувањето на „Хауситери“ продолжува нивната определба за поддршка на современите македонски драмски автори и за создавање претстави што зборуваат за проблемите на денешниот човек.

Особено сме горди што околу овој проект го обедини целиот ансамбл, како и административната и техничката служба на театарот. Во сложени услови, со голема посветеност и меѓусебна доверба, создадовме претстава зад која стои целиот театар. Нашата цел не е оваа премиера да биде само уште една бројка во програмата, туку претставата да има долг сценски живот, гостувања и да отвори простор за нови регионални соработки“, изјави директорот на Гостиварскиот театар.

Актерката Ирена Илиевска, која го толкува ликот на Сара, вели дека станува збор за жена која долго се обидува да ги исполни очекувањата на другите, сè додека не сфати дека во тој процес се оддалечила од себеси.

Нејзината борба е гласна, искрена и многу препознатлива. Верувам дека публиката ќе се смее, но и ќе ја почувствува болката што се крие зад навидум комичните ситуации“, вели Илиевска.

За актерот Дарко Вељиќ, кој како гостин го игра Давор, најголемиот предизвик бил да се најде рамнотежата меѓу хуморот, несмасноста и ранливоста на ликот.

Давор постојано се обидува да докаже дека може да обезбеди подобар живот, а притоа не забележува колку многу губи. Особено ми значи отворената и непосредна соработка со ансамблот и со целата екипа на Гостиварскиот театар“, вели Вељиќ.

Актерот Ариан Ејупи, кој го толкува ликот на Арменд, посочува дека неговиот лик не е само претставник на системот, туку и човек заробен во неговите правила.

Тој набљудува, контролира и манипулира, но зад неговата сигурност постои страв дека и самиот може да биде заменет. Токму таа двојност го прави ликот сложен и возбудлив за игра“, вели Ејупи.

„Хауситери“ е претстава за луѓе кои живеат во систем што постојано ги набљудува, проценува и заменува. Нејзиниот хумор е препознатлив и близок, но зад смеата останува горчливото прашање: колку далеку можеме да отидеме пред да се изгубиме себеси?

Поврзани вести