
Нелегалната трговија со цигари станува голем предизвик за европските земји. Таа ги погодува и најразвиените економии од Европската Унија, но сè повеќе се одразува и врз помалите пазари надвор од Унијата. Ниту Македонија не е исклучок од овој тренд. Според последните податоци што ги објави KPMG во своја студија, нелегалната трговија со цигари во Македонија бележи пораст и достигна околу 3,6 отсто од вкупната потрошувачка. Споредено со други земји во Европа, нелегалните цигари во земјава сè уште опфаќаат мал дел од вкупниот пазар, но трендот на раст укажува на промени кои одат подалеку од домашната потрошувачка.
Нелегалната трговија со цигари не е проблем што го создава една држава сама, внатре во своите граници. Таа функционира како широка регионална мрежа преку која производите се движат низ повеќе земји и на крај завршуваат на различни пазари. Во таков систем, секоја земја може да има различна улога – како пазар на потрошувачка, транзитна точка или дел од поширока логистичка рута. Анализите покажуваат дека и Македонија е дел од овој регионален синџир. Нелегалните цигари не завршуваат само кај домашните потрошувачи, туку земјата станува дел од правците по кои тие се движат низ регионот. Ова не значи дека нелегалните цигари се произведуваат во Македонија, туку дека регионалните канали за нелегална трговија сè полесно наоѓаат начини да ги користат прекуграничните правци низ европските земји, поради што нелегалните производи во поголеми количини успеваат да пристигнат и на македонскиот пазар.
Зголемувањето на нелегалниот пазар на цигари се појавува како резултат на повеќе поврзани фактори. Меѓу најважните се поголемата достапност преку регионалните мрежи за нелегално снабдување, зголеменото движење на производи преку границите и ефектот на прелевање од побарувачката во земјите на ЕУ. Кога на поголемите европски пазари расте побарувачката за евтини нелегални производи, криминалните мрежи ги прошируваат своите рути и кон помалите пазари, што го зголемува ризикот ваквите производи полесно да станат достапни и во Македонија.
Посебно значаен е примерот на Франција, која денес е најголемиот нелегален пазар на цигари во Европа. Според студијата на KPMG, нелегалните производи таму достигнуваат 41,4 отсто од вкупната потрошувачка, односно околу 20,5 милијарди цигари. Речиси половина од оваа количина се фалсификувани производи, што укажува на сериозна промена во начинот на кој функционира нелегалниот пазар. Наместо класични шверцерски текови од исток кон запад, сè поголем дел од нелегалните производи се произведуваат или дистрибуираат поблиску до крајните потрошувачи, особено на големите западноевропски пазари. Францускиот случај затоа сè почесто се посочува како предупредување дека високите даноци, наглото поскапување на легалните производи и силно рестриктивните мерки, доколку не се придружени со ефикасна контрола и спроведување, можат да создадат простор за брз раст на црниот пазар. Слични трендови се забележуваат и во Белгија, каде што уделот на нелегалниот пазар изнесува 24,8 отсто, како и во Холандија, каде што достигнува 22,1 отсто.
Сепак, европската слика покажува дека растот на нелегалната трговија не е неизбежен. Постојат земји кои, преку постабилен и поизбалансиран пристап кон регулативата, даночната политика и спроведувањето на контролите, успеваат да го намалат уделот на нелегалниот пазар. Таков пример е Грција, каде што уделот на нелегалните цигари се намали на 14,1 отсто, по период во кој надминуваше 20 отсто. Овој резултат укажува дека комбинацијата од предвидлива политика, институционална координација и континуирана борба против нелегалните канали дава видливи резултати. Позитивен сигнал доаѓа и од Украина, која и покрај исклучително сложената безбедносна средина успеа да го намали обемот на нелегални цигари за речиси една милијарда.
Пошироката европска слика дополнително ја потврдува сериозноста на проблемот. Според студијата на KPMG, нелегалната потрошувачка во Европа лани достигна 55,3 милијарди цигари, што предизвика проценети загуби од 22,4 милијарди евра во државните буџети. Овие податоци покажуваат дека нелегалната трговија со цигари одамна не е маргинален проблем, туку економски, безбедносен и регулаторен предизвик кој бара координиран одговор, стабилни политики и ефикасно спроведување на законите.

Македонски


