Skip to main content

Невремето ја оштети и  дистрибутивната електрична мрежа, 90 отсто од дефектите се санирани

Вчерашното невреме кое зафати повеќе градови во државата сериозно ја погоди и електродистрибутивната инфраструктура, како на среден така и на низок напон. Поради оштетувања и неколку стотици паднати столбови, без напон останаа 2.308 трафостаници на Електродистрибуција, информираат од ЕВН Македонија.

Нагласуваат дека засилени екипи на компанијата работеа без престан во исклучително тешки услови и успеаја да санираат дури 90 отсто од дефектите.

Во моментов, на територија на цела држава, без напојување се сè уште 300 трафостаници, бидејќи паднатата вегетација на многу места целосно го блокира пристапот и дополнително ја отежнува работата. Сепак, на терен интензивно се интервенира и нема да се запре се до целосно нормализирање на состојбата. Најмногу погодени беа делови од Скопје, Куманово, Кочани и други населени места низ Македонија, велат од ЕВН.

Оттаму изразуваат благодарност до корисниците за покажаното трпение и разбирање во овие, како што велат, вонредни околности.

Санацијата на секој поединечен дефект е резултат на максималниот ангажман на нашите теренски екипи. Компанијата ги стави на располагање сите свои капацитети и ресурси, кои остануваат мобилизирани се до целосно нормализирање на снабдувањето за секој корисник, порачуваат од ЕВН Македонија.

Поврзани вести