Skip to main content

Хипотетички, ако во една вода се најдат фекални бактерии и некој ја пиел, може да се јават стомачни проблеми какви што имаат граѓаните на Гостивар

Хипотетички, ако во една вода се најдат фекални бактерии и некој ја пиел, може да се јават стомачни проблеми какви што имаат граѓаните на Гостивар, одговори на новинарско прашање директорката на Институтот за јавно здравје д-р Марија Андоновска на денешната прес-конференција во Владата на која присустуваа и министерот за здравство Сашо Келковски и Ивица Томовски, директорот на Службата за општи и заеднички работи во Владата.

Поводот за прес-конференцијата беше состојбата во Гостивар со водата за пиење од градскиот вододов.

Ако хипотетички зборуваме, во една вода се најдат фекални бактерии, односно колиформни бактерии, и таа вода е конзумирана од страна, се тврди дека е конзумирана од страна на одредени лица, може да се јават симптоматологија од ваков тип како што имаат. Но, тоа е една широка лепеза на клиничка слика, така што, да, со присуството на, доколку би биле утврдени, може да се јават вакви стомачни проблеми како што имаат во моментот граѓаните на Гостивар. А тоа може да помине и со полесна клиничка слика, но може и тие ентероколити да резултираат и со одредена дехидратација, односно компликација и да доведат до дехидратација, изјави д-р Андоновска.

Агенцијата за храна и ветеринарство издаде наредба за забрана за користење на водата во Гостивар, што подразбира целосна забрана, и до моментот додека нема други насоки, објасни д-р Андоновска.

Андоновска рече дека како Институт добиле барање за излегување на терен во четвртокот и дека тој процес воопшто не бил едноставен, ангажирани биле екипи кои зеле примероци во ноќни часови.

Ние имаме добиено барање за излегување на терен во четвртокот и тоа не е така едноставен процес, таму треба да се пречекаат и останатите екипи. Има повеќе локации тие локации, можеби не се сите на исто место, така што сепак работата не е така едноставна за да може да се заврши така брзо. Она што е многу поважно е дека, јас навистина ги поздравувам сите оние кои биле на терен во такви услови, вечерно време и така долг процес да издржат, да бидат професионални во својата работа и да не отстапат од насоката, од задачата којашто ја добиле доследно и професионално да ја завршат работата и да се вратат со примероците. Јас ги поздравувам сите оние коишто учествувале на кој било начин во земањето на примероци тоа е многу поважно. Дали биле попречувани немам информација во моментот-кажа Андоновска.

Во однос на водата во Гостивар, Андоновска е децидна дека Агенцијата за храна и ветеринарство веќе има издадено забрана за користење на водата, што подразбира целосна забрана на користење на водата. Препораките на Институтот сè во истата насока, кажа Андоновска, и сè до моментот додека трае забраната треба да бидат почитувани сите препораки што се дадени.

По отстранувањето на таа забрана следуваат нови препораки, но до тој момент исто така стоиме на ставот дека треба да се продолжи да се почитува насоката дадена од надлежната институција, тоа е Агенцијата за храна и ветеринарство-рече Андоновска.

Во однос на контролата на водата, директорката на Институтот рече дека водата треба да ја контролира на дневна, неделна основа самото претпријатие во Гостивар и должно е да обезбеди надворешни оператори. Андоновска соопшти дека претпријатието распишало тендер и се јавиле повеќе оператори и како економски оператор се јавил Институтот за јавно здравје кој добил само две посети.

Значи само две посети требало да бидат од страна на Институтот на барање на самиот оператор. И тие две посети се искористени. Не ме држете за збор (кога), но посетите се искористени и направени-рече Андоновска.

Поврзани вести