Skip to main content

Охрид на чекор од „црвената листа“ на УНЕСКО поради дивоградби и загадување

Охридскиот Регион се најде пред најсериозниот предизвик откако е ставен под заштита на УНЕСКО. Центарот за светско наследство на организацијата објави анализа за состојбата на природното и културното наследство, во која е предложено регионот да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност.

Документот е објавен на 13 јули, а во него се наведува дека голем дел од заканите за исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион сè уште не се надминати.

Сепак, предложената мерка не значи автоматско губење на статусот на УНЕСКО. Конечната одлука ќе ја донесе Комитетот за светско наследство на 48. сесија, која ќе се одржи од 19 до 29 јули во Бусан, Јужна Кореја. Комитетот има можност предлогот да го усвои, да го измени или повторно да го одложи гласањето.

Според оценките на УНЕСКО, напредокот во спроведувањето на препораките останува ограничен. Како главни проблеми се посочуваат неконтролираната урбанизација, дивоградбите, загадувањето, слабостите во управувањето и доцнењето на инфраструктурните проекти.

Една од најголемите забелешки е дека системот за заштита не функционира како единствена целина. Иако постојат институции, стратегии и планови, УНЕСКО оценува дека тие не донеле доволно трајни промени за зачувување на регионот.

Организацијата бара подобра координација меѓу Македонија и Албанија, бидејќи Охридското Езеро и заштитеното подрачје се прекуграничен регион.

Особено внимание е посветено на отсуството на целосна Стратегиска оцена на животната средина, која треба да ги покаже долгорочните последици од туристичките, урбанистичките и инфраструктурните проекти врз езерото и неговиот екосистем.

УНЕСКО предупредува и за влијанието на големите инфраструктурни зафати, меѓу кои и проектите поврзани со Коридорот 8, за кои треба дополнително да се утврди дали можат да предизвикаат негативни последици врз заштитеното подрачје.

Дивоградбите повторно се издвоени како еден од најголемите проблеми. Во извештајот се наведува дека нема доволно јасни податоци дали бил отстранет некој од спорните објекти, а се бара детална анализа на сите нелегални градби и нивното влијание врз наследството.

Како пример повторно е посочен случајот со хотелот во Лагадин, додека УНЕСКО бара запирање на нови урбанистички измени сè додека не заврши целосната процена на влијанието врз регионот.

Загриженост постои и за комплексот „Горица 3“, каде што се бара стопирање на градежните активности додека не се направат потребните анализи.

Сериозен проблем остануваат и отпадните води и управувањето со отпадот. Според УНЕСКО, проектите за подобрување на колекторскиот систем доцнат, а проблемите со отпадните води во Струга сè уште не се целосно решени.

Од двете држави се бара забрзување на проектите за пречистување на отпадните води, како и подобрување на системот за управување со отпад.

Дополнително, УНЕСКО повторно предупредува дека доцни законската заштита на важни природни подрачја, меѓу кои прогласувањето на Охридското Езеро за споменик на природата и Студенчишкото Блато за парк на природата.

Поврзани вести