
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, денеска изјави дека Баку размислува за целосно повлекување од Советот на Европа.
Правото на глас на Азербејџан во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПАСЕ) беше суспендирано пред две години.
Алиев го објави заминувањето од организацијата, која има 46 членови, додека зборуваше на четвртиот Глобален медиумски форум во Шуша.
„Ние не размислуваме само за суспендирање или замрзнување на нашето членство, ние недвосмислено размислуваме да ја напуштиме таа структура“, истакна Алиев, објави бриселскиот портал „Еуроњуз“.
Алиев, исто така, рече дека бил контактиран од генералниот секретар на Советот на Европа и побарал од Азербејџан да не ја напушта организацијата и да најде начин за подобрување на ситуацијата.
Според Алиев, пресвртница во односите била суспензијата на правото на глас на Азербејџан во ПАСЕ 2024.
Во јануари истата година, ПАСЕ гласаше да не ги ратификува акредитивите на азербејџанската делегација поради состојбата со човековите права. Непосредно пред гласањето, делегацијата на Азербејџан објави дека го суспендира учеството и соработката со ПССЕ на неодредено време.
Потсетувајќи дека ја предводел делегацијата на Азербејџан во ПССЕ во 2001 година, Алиев го опиша влошувањето на односите како „непристојно“ и рече дека Баку нема интерес за продлабочување на тензиите.
„Тие мора да го вратат правото на глас на нашата делегација. После тоа, азербејџанската делегација ќе се врати“, рече Алиев на Форумот, објави Евроњуз.
Алиев, исто така, рече дека Азербејџан не направил ниту еден погрешен чекор, дека ПССЕ донело неправедна одлука и треба да ја повлече и да ја признае грешката.(МИА)

Македонски



