Skip to main content

Ридот Ликавитос во Атина – грчката метропола на дланка

pixabay

Кое е она брдо таму со бела црква? – е прашањето што доста често го поставуваат туристите во Атина додека од Акропол или некоја друга централна локација покажуваат кон вториот по височина рид во грчката престолнина – ридот Ликавитос, кој се издига на 277 метри надморска височина и на 227 метри над нивото на градот, а честопати се нарекува и „балконот на Атина“. 

Интересен е за набљудување од страна, уште поинтересен доколку се посети – нуди поглед на речиси цела Атина, како и на поширокиот регион на периферијата Атика – од Акропол до Саронскиот Залив, а важи за едно од најпознатите обележја на метрополата, но и место од каде што зајдисонцето е најубаво. 

Доста често Ликавитос е на фотографиите или на инсертите што новинарите ги користат во своите текстови, извештаи или прилози поврзани не само со Атина туку и со Грција.

На самиот врв се наѕира малата црква „Свети Ѓорѓи“ изградена во 19 век. 

Во бела боја со сини куполи потсетува на градба од Кикладските Острови, а во комбинација со пријатниот ветер ве пренесува на некое друго, идилично место, далеку од градската врева, сообраќајниот метеж, врелиот асфлат, особено во текот на летниот период. 

Уште поимпресивен е погледот од Ликавитос – речиси цела Атина на дланка и речиси сите значајни обележја во градот: Акропол, Античкиот олимписки стадион „Панатенаик“ или Калимармаро, парламентот, па дури и предградието Пиреас со најголемото грчко пристаниште и стадионот и салата на ФК и КК Олимпијакос, атинската ривиера и новиот облакодер што полека никнува на крајбрежјето.

Доколку атмосферата е чиста, а видливоста добра, во длабочината, далеку во Саронскиот Залив се гледаат островите Саламина и Егина, а во исклучително ведри денови може да се забележат и островите Агистри и Порос. 

Големата карпа на божицата Атина

Ликавитос е природен рид, без речиси никакви вештачки интервенции, а неговата историја, исто како и за многу работи во Грција, се верува дека потекнува од грчката митологија. 

Митот вели дека божицата Атина од северниот дел на градот зела огромна карпа за да ја донесе до Акропол и да го заштити Партенонот, меѓутоа, додека ја пренесувала, еден гавран ѝ донел лоша вест (и од тогаш гавраните се црни), а поради шокот и вознемиреноста, божицата ја испуштила карпата од рацете и паднала токму каде што денес е Ликавитос. 

Постојат и други верзии од грчката митологија, но конкретната е најдоминантна и најприфатената во Грција.

За потеклото на името постојат повеќе толкувања, некои сметаат дека доаѓа од израз поврзан со многуте волци што некогаш живееле на ридот, други сметаат дека името е поврзано со изгрејсонцето, бидејќи во античко време сметале дека сонцето изгревало зад Ликавитос, а според друга теорија, името потекнува од збор што се однесува на обликот на ридот, кој личи на женска града.

Поради стрмните падини, на Ликавитос нема многу траги од човечка интервенција ниту, пак, археолошки наоѓалишта, а единствено, во одреден период во минатото, во близина постоел каменолом, на чие место денеска е летниот театар. 

Една од најзначајните интервенции во непосредна близина била изградбата на голем резервоар за вода во денешната населба Дексамени на Колонаки, но и изградбата на црква посветена на свети Илија некаде во средниот век, а денешната црква „Свети Ѓорѓи“ била подигната врз нејзините темели откако Атина станала главен град на новата грчка држава во 19 век.

Малата црквичка „Свети Ѓорѓи“ изградена во 1834 година

Малата бела црква, точно на врвот на Ликавитос, е видлива од многу локации во Атина, а токму оваа градба во многу случаи е и причината зошто голем дел од туристите, барем оние со кои поразговара дописничката на МИА, решиле да го посетат ридот.

Според истражувањата, во античко време, на врвот на ридот се наоѓал жртвеник на богот Зевс, за време на османлиското владеење на истото место постоела некоја христијанска црква, а подоцна и еден вид параклис на свети Илија, кој откога целосно бил напуштен и запуштен, бил заменет со новиот храм посветен на свети Ѓорѓи.

Сегашната црква е изградена 1834 година.

Работи од 11 до 19 часот, па посетителите што решиле да ги избегнат високите температури и во претпладневните часови да го посетат ридот, користејќи ги сенката и ладовината пред влезот, трпеливо чекаат да отвори. 

Некои за да запалат свеќа, други, едноставно, да влезат и да ја видат внатрешноста. 

Фотографирањето е забрането, како што е истакнато на самиот влез, а жената задолжена за свеќите им го посочува тоа и на туристите. 

Сепак најголемиот дел, наместо на фотографија, сакаат сликата на малата црквичка да ја зачуваат во нивната меморија помолувајќи му се на свети Ѓорѓи. 

Ридот и црквата, иако се видливи од многу места во Атина, најјасно ги видовме првпат додека бевме на Акропол и одлучивме да ги посетиме. Дојдовме со фуникуларот (жичница) и еве нè овде пред белата црква, чија градба е карактеристична за Грција. Чекаме да отвори за да ја посетиме – велат американски туристи. 

Во дворот на црквата и на просторот од каде што панорамски се гледа Атина постои и препознатливата камена камбанарија, изградена на крајот од 19 век, а е подарок од кралицата Олга за верниците во Атина.

Веднаш под црквата има ресторан и кафуле.

Пеш, со автомобил или со фуникулар – опции за сечиј вкус за искачување на ридот

Ликавитос е во центарот на Атина, а за да се стигне до врвот на ридот, постојат неколку опции, буквално за сечиј вкус во зависност од кондицијата и расположението.

Најубавата рута е пеш, искачувањето можеби е малку напорно, но пристигнувањето на врвот и рутата што полека ве издигнува над Атина, далеку од градската бучава, навистина е нешто што сигурно треба да се искуси.

Можеби не во топлите летни денови иако искачувањето е лесно во раните утрински часови или доцна попладне.

Пешачкиот пристап до Ликавитос е можен и од предниот дел, како што го нарекуваат атињаните, односно од јужната падина од центарот на Атина и населбата Колонаки, кој се смета за главен и најпознат влез, но и од задната, северната, помирна страна на ридот, која е помалку туристички развиена и има повеќе пешачки патеки.

Преку населбата Колонаки до врвот на ридот се стигнува преку точно обележана патека, која како змија се протега во подножјето. Иако станува збор за угорнина, сепак косината и висина на скалите се умерени.

Втората опција за пеш до врвот е од задната страна, односно североисточната страна, од делот каде што се стигнува и со автомобил.

Може да се пешачи или по асфалтираниот пат, иако побезбедна (и попријатна) опција е преку обележаните патеки низ борови дрвја, каде што угорнината е малку поблага од онаа преку Колонаки.

Иако дописничката на МИА од Атина, Ликавитос го посети во едно топло јулско претпладне, сепак не беше мал бројот на оние што, пред сè, туристи и на разна возраст, пеш се искачуваа до врвот на ридот.

Не е толку страшно, сепак не е планина или планинарење. Не велам дека ридот е низок, но патеката е убава, пријатна, опремени сме со вода, капи, очила, заштита од сонце, правиме мали паузи – велат туристи од Јапонија.

За четири минути до врвот на Ликавитос со фуникуларот што непречено функционира веќе 61 година

За оние што не сакаат да пешачат, тука е и фуникуларот, кој за неколку минути ги носи до врвот на ридот.

Идејата за поврзување на Ликавитос со центарот на Атина преку жичница или фуникулар датира уште од 1923 година, меѓутоа реализацијата почнала дури неколку децении подоцна, а фуникуларот почнал со работа во април 1965 година и оттогаш непречено работи веќе над 60 години, 365 дена во годината.

Според натписите во весниците од тој период, во првите три месеци од почетокот на работата фуникуларот доживеал голем успех, а бројот на Атињани и странски посетители што го користеле достигнал 256.321 лице.

Иако се нарекува и жичница, сепак станува збор за воз што се движи во тунел по шини, должината на линијата е 210 метри и има наклон од 28 степени, а патувањето до врвот трае четири минути.

Има два вагони во различни правци, едниот за качување другиот за симнување, со капацитет да пренесе по 34 патници.

Работи секој ден од 9 до 2 часот по полноќ, цената е 10 евра за качување, седум евра за симнување или 13 евра во двата правци.

Возниот ред е на секои 30 минути, меѓутоа, во зависност од интересот и бројот на посетители, вагоните се движат и на 15 минути

Вработените за МИА велат дека фуникуларот е популарен во текот на целата година не само во летниот период, а најпосетен е во летниот период доцна попладне кога посетителите се качуваат на Ликавитос да уживаат во зајдисонцето.

Тогаш сообраќа на секои пет минути.

Топло е, сонцето пече, ќе се качиме со фуникуларот, а за назад можеби пеш. Сега ни кажаа дека всушност станува збор за воз низ тунел и малку се разочаравме бидејќи мислевме дека патувањето до врвот ќе биде придружено со поглед на Атина – велат група туристи.

Уште една, веројатно помалку популарна опција за туристите за стигнување до ридот, е со автомобил или такси, а под самиот врв постои голем паркинг.

Паркингот, особено во текот на летниот период, е место за собир на млади Грци, далеку од високите температури во градот.

Концертите и културните настани во летниот театар му даваат дополнителна живост на Ликавитос

Веднаш до големиот паркинг е и отворениот театар, каде што во летниот период се одржуваат концерти, претстави и културни настани, кои дополнително го оживуваат овој дел од градот.

Иако официјално е изграден 1965 година, на местото на поранешниот каменолом, токму во центарот, во природно вдлабнат простор создаден од долгогодишната експлоатација на камен, за време на диктатурата на Јоанис Метаксас, во периодот од 1936 до 1941 година, бил користен како отворена сцена.

Од јуни 2013 година театарот на Ликавитос беше затворен десет години откога беше оценето дека е конструктивно небезбеден, а по обемната реконструкција спроведена од Општина Атина, повторно беше отворен и пуштен во употреба во септември 2023 година.

Денес, театарот на Ликавитос е една од најпрестижните концертни сцени во Грција, а концерти имаат одржано низа светски музички легенди, од Реј Чарлс и Боб Дилан до „Дип парпл“, „Пет шоп бојс“, „Скорпионс“ и Ник Кејв.

Иако во текот на летниот период поголемиот број посетители на Ликавитос се туристи, сепак ридот над Атина не е само туристичка атракција.

За атињаните е место за прошетка, рекреација и бегство од секојдневието и градската врева.

Во минатото, до 50-тите години на минатиот век, била омилена дестинација за жителите на Атина за еднодневна екскурзија и пикник за да го поминат денот во природа, но и да запалат свеќа во црквата на самиот врв на ридот.

Ликавитос не е зимска или летна дестинација, ридот 365 дена во годината привлекува илјадници посетители – домашни и странски – и поради погледот кон Атина што го одзема здивот, но и поради мирот што го нуди, додека во подножјето градот живее во својот (брз) ритам. 

За многумина, највпечатлив е погледот од ридот при зајдисонце кога небото и градот се обоени во разни топли нијанси по што почнуваат полека да се палат светлата на градот. ср/дј

Сања Ристовска – дописничка на МИА од Грција

Фото: МИА

Поврзани вести