Skip to main content
fEwgRPvaHJo

Само што влезе, го реши мечот: Микел Мерино повторно херој на Шпанците

Instagram / mikelmerino

Шпанија ќе игра против Франција во полуфиналето на Светското првенство во фудбал, откако во самата завршница на вториот четврт-финален натпревар ја совлада Белгија со 2-1 (1-1).

Херој на актуелниот европски првак повторно беше Микел Мерино, кој како и во осминафиналето против Португалија, го постигна победоносниот гол само две минути откако влезе на теренот во 86. минута.

Шпанија доминираше од самиот почеток и дојде во водство по половина час игра со голот на Руиз, а дефанзивно ориентираната Белгија го израмни резултатот од својата единствена шанса во првиот дел кога Шарл Де Кателаре го совлада Унаи Симон во 41. минута.

Шпанците продолжија со доминацијата и во второто полувреме, креирајќи неколку идеални шанси за гол, но опасна беше и Белгија која својата шанса ја чекаше од контранапади.

Ламин Јамал се најде во идеална шанса во 52. минута, но неговиот удар заврши покрај стативата, а уште поголема шанса за гол имаа Белгијците само три минути подоцна кога обидот откосо од десетина метри на Де Кујпер ја погоди само надворешната страна од мрежата на шпанскиот гол.

Во 71. минута, белгискиот голман Тибо Куртоа мораше да го напушти теренот поради повреда, а неговата замена Сене Ламенс киксираше во 88. минута кога не успеа да го скроти ударот од далечина на Пау Кубарси, а Морено натрча на одбиената топка и биеше прецизно од непосредна близина.

Мерино го повтори подвигот од осминафиналето против Португалија, кога влезе на теренот во 85. минута, а во првата минута од судиското продолжение ѝ донесе победа на Шпанија од 2-1.

Противник на Шпанија во полуфиналето ќе биде актуелниот светски вицешампион Франција, која вчера го совлада Мароко со 2-1.

Полуфиналната пресметка меѓу Шпанија и Франција е закажана за 14 јули во Далас, со почеток во 21 часот по средноевропско време.

Поврзани вести