Судија на претходна постапка им одреди триесетдневен притвор на Раде Трајковски – Штекли и уште девет лица осомничени за трговија со дрога, соопшти Кривичниот суд.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство против група, осомничена за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори согласно член 215 ст.3 вв со ст.1 од КЗ, кои во текот на вчерашниот ден беа спроведени во судот, донесе решенија со кои: Предлогот за определување мерка притвор против : Р.Т., П.З., Д.Т., В.В., А.В., Д.Џ.Х., С.С., С.М., К.К. и Ф.Р. го прифати и им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење основните од член 165 ст.1 т.1, 2 и 3 односно, Опасност од бегство, Околности кои укажуваат дека може да ја попречи истрагата со влијание на сведоци и Повторување на делото, соопшти Кривичниот суд
Прифатен е и предлогот на Обвинителството за определување на притвор на две лица кои се недостапни за органите на прогонот, а притворот почнува да се спроведува од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода.
МВР во координација со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција спроведе акција во која беше уапсен Штекли и уште девет други лица, извршени беа претреси кај 16 лица, на 21 локација во Скопје и Гевгелија.
Криминалната група подолг период вршела кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога. Основаните сомневања се дека организаторот на криминалната група преку нејзините припадници вршел дистрибуција и улична продажба на наркотична дрога директно до корисниците, соопшти МВР.