
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Централниот штаб на партијата му оддаде последна почит на прерано починатиот Јовица Илиевски, градоначалник на Општина Брвеница од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Заминувањето на Јовица е голема загуба за неговото семејство, за неговите пријатели, за сите што имаа чест да го познаваат, но и за општина Брвеница, која неизмерно ја сакаше и за која несебично работеше. Неговата посветеност кон луѓето, чесноста, скромноста и искрената желба да придонесе за подобар живот во својата заедница ќе останат трајно врежани во нашите сеќавања.
Татковината се гради и се сака преку делата, преку пожртвуваноста и преку грижата за сопствениот народ и своето место. Токму таков беше Јовица, човек кој веруваше дека со чесна работа, одговорност и заедништво можеме да изградиме посилна и поуспешна Македонија.
Неговиот лик и дело ќе продолжат да живеат преку спомените што ги остави, преку добрината што ја ширеше и преку трагата што ја остави меѓу луѓето.
Нека му е вечна слава и вечен спомен, порача Мицкоски.
Како што соопшти владината портпаролка, Марија Митева, на денешната седница Владата ја разгледа и ја усвои информацијата доставена од Министерството за локална самоуправа во врска со настапување на законски основ за престанок на мандатот на градоначалникот на Општина Брвеница.
Министерството за локална самоуправа, по претходно добиено известување од претседателот на Советот на Општина Брвеница, ја започна постапката поради настапување на законски предвидена околност што доведува до предвремен престанок на мандатот на градоначалникот по сила на закон.
Согласно Законот за локалната самоуправа, Министерството е должно во рок од 15 дена од приемот на известувањето да ја информира Владата за настапувањето на овој законски основ, по што Владата, во рок од 30 дена, ја започнува постапката за распишување на нови избори за градоначалник.
Во таа насока, сакаме да ја информираме јавноста согласно запазените законски предвидени рокови, Владата ја усвои информацијата и донесе Одлука за престанок на мандатот на градоначалникот на Општина Брвеница, со што се создаваат законските предуслови за спроведување на понатамошната постапка согласно важечките прописи и важечки рокови, соопшти Митева.

Македонски



