
– Покажавте силни перформанси во рамките на Реформската агенда. Доаѓам во Скопјe за да ја охрабрам Владата да го стори истото во пристапните преговори, затоа што сега имаме можност, што се случува еднаш во генерацијата, да го оствариме проширувањето, вели во интервју за МИА еврокомесарката за преговори за проширување и соседска политика непосредно пред нејзината утрешна посета на Скопје.
-Македонија покажа дека може да испорача резултати кога има политичка волја. Ова јасно го гледаме во нејзините силни перформанси во рамките на Реформската агенда. Ќе дојдам во Скопјe за да ја охрабрам Владата да го стори истото во преговорите за пристапување. Сега имаме можност, што се случува еднаш во генерацијата, да го оствариме проширувањето. Ова доаѓа со јасни избори. Оние што ги исполнуваат своите обврски напредуваат. Ова го гледаме најјасно во Црна Гора и Албанија. Оние што не ги исполнуваат своите обврски, заостануваат. Во моменти на забрзување, застојот значи фактичко назадување, вели еврокомесарката Кос на прашањето дали има предви нова иницијатива за деблокада на македонската евроинтеграција.
Според неа, напредокот во преговорите за пристапување бара клучен елемент: доверба меѓу земјите кандидати и земјите-членки.
-Според моето искуство, таквата доверба првенствено се гради врз два елемента: исполнување на обврските и ставот на земјите кандидати кон ЕУ и нејзините земји-членки. Ова започнува со добрососедски односи. Кога меѓусебната доверба расте, процесот на пристапување станува побезбеден. Убедена сум дека ова би било случај и за Македонија, нагласува Кос.
Таа при тоа укажува дека досега нема случај на давање гаранции на земја – кандидат дека нема да се појави друг спор за време на пристапниот процес до ратификацијата на договорот за пристапување од последната од 27-те земји членки.
– Вистината е дека ниедна земја кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување сè до моментот кога последната земја-членка ќе го ратификува договорот за пристапување. Ова е начинот на кој функционира проширувањето на ЕУ. Важно е да се прифати оваа реалност, нагласува Кос.

Во коментар на германско – францускиот нон-пејпер кој промовира постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправно членство, таа вели процесот на пристапување бара време, но, оти во денешниот свет, Европската унија не може да си дозволи да чека предолго. И вели, задоволна е од тоа што гледа како европските лидери ја водат оваа дебата, со цел да се изнајдат начини, вели, „да ја доближиме ЕУ до идните граѓани многу порано“.
-По летото, Комисијата има намера да предложи нови начини на земјите-членки да ги доближат земјите-кандидатки до ЕУ пред пристапувањето. Но, има една важна точка. Ова ќе бара напредок во преговорите за пристапување. Ова останува приоритет. Без таков напредок, понатамошната постепена интеграција ќе биде ограничена, подвлекува еврокомесарката Марта Кос.
Комесарката за проширување Кос, ќе пристигне утре во Скопје да разговара за патот на земјата кон ЕУ и напорите за реформи, со фокус на спроведувањето на Агендата за реформи во рамките на Планот за раст за Западен Балкан. До денес, посочуваат, земјата добила 142,1 милиони евра во рамките на Инструментот за реформи и раст по напредокот во спроведувањето на клучните реформи.
За време на нејзината посета на земјава, комесарката Кос ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали. Нивните дискусии, се посочува, ќе се фокусираат на напредокот во спроведувањето на Агендата за реформи, приоритетите за постепена интеграција во ЕУ и пошироките случувања поврзани со патот на земјата кон ЕУ. Како што наведуваат од Кабинетот на еврокомесарката, предвидено е Кос и премиерот Мицкоски да одржат заедничка прес-конференција. Таа ќе се сретне и со претседателот на Собранието Африм Гаши за да разговараат за важноста на конструктивниот политички дијалог и широката меѓупартиска поддршка за реформите поврзани со ЕУ.

Македонски



