Skip to main content

В сабота премиера на „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин во рамките на јубилејот 80 години Македонски народен театар

Во рамките на одбележувањето на 80-годишнината на Македонскиот народен театар (МНТ), во сабота, на 25 јануари со почеток во 20 часот ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Народен пратеник“ од авторот Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин.

Култното режисерско име Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период. Ова е негова трета претстава во театарот, по „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996).

Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска.

Нушиќ е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ, а овој „Народен пратеник“ е трета постановка на неговата познатата драма. „Народен пратеник“ првпат е изведена во МНТ на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на националнниот театар. Поставена е уште еднаш, на 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби.

Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ, велат од национланиот театар.

Сценограф е Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, преводот на текстот го направи Загорка Поп-Антоска Андовска, а дијалектната адаптација на текстот е на Томислав Османли.

Асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот.

Првата реприза е закажана за 30 јануари, а билетите се веќе распродадени.

Поврзани вести