
Службеното возило „Ауди А6“, кое неколку години го користеше поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, е продадено на јавна аукција за 1.350.000 денари (околу 22 илјади евра). Новиот сопственик на автомобилот е од битолското подрачје, дознава телевизијата Алсат.
Актуелниот градоначалник на Струга, Менди Ќира, потврди дека средствата од продажбата ќе бидат наменети за отплата на дел од стариот финансиски долг на општината, објави 4news.mk.
Оваа продажба беше меѓу првите ветувања што новата локална власт ги најави по преземањето на раководната функција во градот.
Во меѓувреме, пред да се реализира аукцијата, автомобилот беше запленет од страна на извршител од Охрид поради претходно настанати финансиски обврски на Општина Струга.
Првично беше соопштено дека почетната цена на јавното наддавање ќе изнесува 10.000 евра.
Луксузното патничко возило беше набавено од страна на струшката локална самоуправа пред шест години.

Македонски



